Вакцинација на пунктовите, се намалува бројот на новозаразени и на хоспитализирани

Коронавирус Вакцинација Македонија Борис Трајковски
Вакцинација во вакциналниот пункт во СЦ „Борис Трајковски“ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Барем една доза вакцина досега примиле 40 отсто од населението над 70 години во земјава и 33 отсто кои се на возраст над 65 години. Аплицирани се 207 219 дози, а ревакцина примиле 31 599 граѓани. Според податоците од Министерството за здравство, преку веб-платформата vakcinacija.mk интерес да се вакцинираат изразиле речиси 377 илјади граѓани.

Прва доза вчера примија и претседателот Пендаровски, вицепремиерите Димитров и Битиќи и министрите Маричиќ и Милевски, кои апелираа граѓаните да се пријават за имунизација како единствен начин за надминување на пандемијата и враќање во нормала, нагласувајќи дека сите вакцини во земјава се проверени, безбедни и ефикасни.

Шефот на државата Пендаровски вакцината ја прими во пункт во Куманово за, како што рече, да ги разбие дезинформациите дека наводно има разлика меѓу вакцините што се даваат во Скопје и оние во другите градови, а веќе решил и втората доза да ја прими во трета општина.

– Масовната имунизација е почната и мислам дека е добро што веќе илјадници граѓани тоа го завршија, изјави претседателот Пендаровски кој очекува дека до крајот на јуни ќе се имунизира значаен процент од населението.

Меѓу последните вакцини што дојдоа во земјава е новата пратка на „Фајзер“ со 9 360 дози, од кои 4 680 се од директниот договор со овој производител, според кој секој понеделник „Фајзер“ ќе ни испорачува од 5 000 до 7 000 дози вакцини, односно 26 000 за цел месец. Останатите 4 680 дози од новата пратка вакцини „Фајзер” се добиени преку трилатерални договори во рамки на програмата „Тим Јуроп” (Team Europe). Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан, што ја координира Австрија, во нашата земја во мај треба да пристигнат 19 890 вакцини.

Паралелно со имунизацијата, се намалува и бројот на новозаразени со коронавирус. Во вчерашната статистика беа евидентирани 83 нови заразени (од кои 40 во Скопје), 259 оздравени и двајца починати пациенти. Активни случаи има 3 270 во целата држава – во Скопје 1312, а трицифрени активни имаат пет општини – Куманово – 303, Битола – 214, Охрид – 203, Прилеп – 160 и Тетово – 116.

Се намалува и бројот на хоспитализирани поради компликации, така што болниците затвораат дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти. Во претходното деноноќие, како што беше соопштено, немало приеми на Интерните клиники во главниот град. Министерството за здравство вчера соопшти дека на болничко лекување се 457 пациенти позитивни и сомнителни на вирусот, од кои 193 во Скопје и 264 на инфективните одделенија во другите градови низ земјава, а има околу 680 празни болнички кревети.

На пациентите кои имаат последици од ковид-19, потешкотии во дишењето и движењето, ќе им биде овозможена стручна помош – респираторни и физикални вежби во специјализираната болница за белодробни заболувања во Отешево која, со поддршка од Министерството за здравство, подготви дел наменет за пациенти за постковид рехабилитација.

И покрај охрабрувачките податоци, засега остануваат да важат рестриктивните мерки – забрана за движење на населението од полноќ до 4 часот и работење на угостителските објекти до 23.30 часот. По препорака на Комисијата за заразни болести, Владата вчера на седница донесе заклучок активните мерки за ограничување на движењето наместо до 18 мај да продолжат да важат до 1 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот