Вакцина за грип нема ни за лек!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Наместо да се вакцинираат против сезонски грип навремено и сезоната на инфлуенца да ја поминат со мирна глава, граѓаните со хронични болести мака мачат да дојдат до термин. Матичните лекари се расправаат со пациентите кои ги притискаат да им најдат термин, а термините се ослободуваат редуцирано, само еднаш неделно и кој прв матичен лекар ќе ги зафати, тој е прв услужен.

Останатите се справуваат со лути и нетрпеливи пациенти, исплашени за своето кревко здравје. Секој петок попладне се ослободуваат термини за вакцинација за грип во ,,Мој термин” за наредната недела, но инстантно ги снемува и потоа матичните лекари кои не успеале да им закажат вакцинација на своите пациенти претрпуваат невиден притисок од нивните пациенти.

Луѓе со хронични болести, дијабетес, срцеви заболувања, болести на белите дробови, со нетрпение и надеж ја дочекаа иформацијата дека ќе примат вакцина барем против инфлуенца, во сезоната кога инфекциите со грип се чести. Меѓутоа, нивните очекувања останаа неисполнети, а термините се администрираат оскудно. Вакцини има, ама термините се проблем. Се ослободуваат околу 100 термини за цело Скопје неделно.

-Имам хронична болест и секоја година се вакцинирам за сезонски грип. Досега се вакцинирав на приватно. Но, ова година на приватно никој не вакцинира освен центрите за јавно здравје, а министерот Филипче рече дека се обезбедени доволно вакцини и дека ќе се оди преку матичните лекари. Мојата матична лекарска се обидува да ми закаже термин но нема. Уште не сум ја примила вакцината. Ја нема ниту да ја купам на приватно бидејќи првата тура исчезна за десет минути. Не знам како се планира да не вакцинираат хронично болните кои сме ризична категорија. Можам да замислам што ќе се случува кога ќе дојде вакцината за ковид. Ова е срамота, ваква неорганизираност не сум видела. Благодарение на ова ќе останам невакцинирана за грип првпат во последните дваесет години, се жали Ана Стојовска, пациентка со хронична болест дијабетес.

Ваквата ситуација ги нарушува односот пациент лекар и создава нетрпеливост во амбулантите и ординациите.

-Се расправаме со пациентите постојано. Секоја амбуланта има по 60 пациенти што сакаат да се запишат. Нема термини, а тие што ги има се пуштаат доцна во 17 часот попладне. Така, додека прегледувам пациент, некој веќе ги заземал термините за неколку минути. Мизерија. Потоа пациентите негодуваат и се распрааат со нас. Минатата недела успеав да закажам само 3 термини за вакцина. Останатите 57 пациенти се лутат. Се нарушува меѓуколегијалниот однос на ваков начин но и односот пациент лекар. Уште на почетокот предложив да има посебен телефон за закажување за вакцина а не и тој товар да падне на матичните лекари. Нас да не остават да лекуваме а не и со ова да сме оптоварени, вели за ,,Слободен печат” претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова.

Матична лекарка од приватна здравствена установа во Скопје ни рече дека нејзината колешка, медицинска сестра, кога ќе замине дома по работното време, ,,лови термини”, зашто во работното време има прегледи и други обврски и тешко е дополнително да се земе и таа обврска.

-Сестрата ги ,,лови” термините и тоа од дома. Девојчето од дома бара термини, а потоа имаме пациенти кои се предомислуваат и не сакаат да се вакцинираат. Барем да кажат за да можеме за други категории да закажуваме. Јас на син ми не можам да му закажам зашто има 27 години и не постои можност за таа возрасна група засега, а работи во банка на шалтер со 80 контакти на ден. Се поправи состојбата со наоѓањето термин. Уште во првата недела најдов термини за деца имаше слободни. И на пензионерите им најдов термини. Сега чекам за здравствените работници, од нив пуштив само неколку. На две повозрасни жени им најдовме термин, ги уфрливме во системот да се вакцинираат за грип и им се јавив да ги известам по што ми рекоа дека не сакаат да се вакцинираат. На сите со малигни болести и хронични заболувања им најдов термин за вакцинација, ни изјави матична лекарка од Скопје која има приватна ординација.

Министерството за здравство посочува дека секоја недела различно се ослободуваат термини за вакцинација, а слободните термини зависат од бројот на достапни вакцини. На вакциналните пунктови се носат толку вакцини колку што се потрошиле во просек изминатите години. Доколку има потреба од нови се доставуваат дополнителни и се пуштаат дополнителни термини.

,,Вакцини има за сите, а отворањето на Мој термин еднаш неделно е и поради почитувањето на ковид мерките, за пред вакциналните пунктови да не се создава метеж”, смируваат од МЗ.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека има точно направен план со соодветно време за закажување за да не се прават гужви во амбулантите.

-Во повеќе пунктови во Скопје во здравствените домови ширум државата, значи 10 минути, за да нема гужва да не се создава конгестија и поголеми групи на луѓе. Затоа има направено соодветен распоред за секоја недела, за во континуитет без гужви да се спроведе целокупното вакцинирање. Ја проверивме поплаката дека само некои матични лекари имаат пристап до термините, но таа не е точно. Еднакво се делат термините врз основа на бројот на матични лекари во соодветната општина, рече Филипче.

И за тие што се подготвени да се вакцинираат на приватно односно да платат 800 денари за комерцијална вакцина, не е лесно. Втората пратка од 2000 вакцини против грип се очекува наредната недела, а првата која исто така се состоеше од 2000 вакцини за Скопје, се потроши за неколку часа.

Директорот на ЦЈЗ Скопје доктор Бесим Зекири вели дека во моментов вакцини против грип во ЦЈЗ Скопје нема. ,,Вакцинирањето се одвива во просториите на Центарот за јавно здравје, вакцините се комерцијални по цена од 800 денари. Точно е дека постои интерес од граѓани и фирми за резервирање вакцини, но тоа е за наша ориентација околу потребните дози. Инаку вакцинирањето се врши по принципот прв пријавен прв услужен, доколку не постојат контраиндикации. Ги очекуваме вакцините од идната недела”, вели доктор Зекири.

Вакцината е од француски производител и е четиривалентна, што значи дека штити од четири типови инфлуенца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот