Вакцина против рак? Зошто да не!

Фото: EPA-EFE/DAVID CROSLING AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Никогаш порано не биле инвестирани толку милијарди во наука, истражување и медицина, направени се големи чекори и затоа се очекува напредок во областа на здравството, што се чекаше со децении

Човечкиот вид се борел со имунитет против вирусот на сипаници 1.500 години и не се изборил. Кога се направи вакцината, беа потребни дванаесет години за сосема да се искорени вирусот.

Замислете какви можности сега ни стојат на располагање…

Најголемите достигнувања во борбата против оваа пандемија се вакцините, а mRNK вакцините може да бидат револуција во лекувањето не само на вирусите, туку и на некои други болести, како што е ракот.

Никогаш порано не биле инвестирани толку милијарди во наука, истражување и медицина, направени се големи чекори и затоа се очекува напредок во областа на здравството што се чекаше со децении. Вакцина против рак? Многу можно. Вакцина против ХИВ? Веројатно.

Веќе има вакцини против вируси кои предизвикуваат некои видови на рак (хепатитис Б / цироза на црниот дроб; вирус HPV / рак на грлото на матката). Сега се зборува за тоа колку „Модерна“ и „Бајонтек“ заработиле од ковид-вакцината, но нивните удели се таму каде што профитите се многу поголеми, бидејќи тие биле првите компании што развиле mRNK вакцини. „Имаат отворен пат за третман на рак и некои други болести, а тоа е она што е револуционерна и иновативна технологија. Тоа е едно огромно забрзување што носи нов квалитет. Повеќе не зборуваме за децении кога станува збор за развој на нови вакцини, туку за месеци“, вели д-р Драгослав Поповиќ, претседател на Здружението за јавно здравје на Србија.

Профити на долг рок

Но, требаше да се препознае на време и да се инвестира во развој. Некој што раководи со таква компанија гледа што е добиено на крајот и колкав ќе биде профитот. Во таа светлина, многумина не се определија за вакцината ковид, бидејќи тоа е нешто што може да се заврши за две години. „Наместо тоа, беше – дајте ми нешто што ќе трае 30 години и вратете го профитот на долг рок“, вели Поповиќ.

Тоа беше погрешна проценка. Компанијата „Модерна“ постои околу десет години и потроши милијарди на развој, првично на употреба на mRNA во обид да развие персонализирани третмани за карцином, а сега за прв пат направија чекор напред со вакцината за коронавирус. Научниците веруваат дека вакцините mRNK отвораат цел нов свет за терапии, скоро за секоја болест, и дека со овие вакцини го нашле клучот за можноста за транскрипција на „софтверот на животот“.

Слично е и со „Бајонтек“, кој ја направи вакцината „Фајзер“. „Шпигел“ за оваа германска компанија напиша: „Последен пат светската историја беше напишана во Мајнц кога Јохан Гутенберг работеше на подвижен печат, овој пат беше заради вакцина…“

На „Бајонтек“ му беа потребни само генетски информации за коронавирусот., произведе соодветна РНК во рок од два дена и веднаш ги започна првите експерименти.

 Револуција што претстои

На почетокот на пандемијата, околу 200 компании ја започнаа трката за вакцината, бидејќи парите беа обезбедени по принципот „еве ги парите, започнете со развој“. Сепак, многумина не успеаја, иако вложија многу.

„’Глаксо’, ‘Мерк’, ‘Санофи’, ‘Новартис’, четирите компании кои имаат најголем процент на глобален пазар на вакцини во најразвиените земји, ниту една не излезе со своја вакцина“, вели Поповиќ.

Лекцијата за создавање вакцини е важна за иднината на медицината и ќе направи револуција во наредниот период. Никогаш не се случило научниците несебично да споделуваат информации за нов вирус и да соработуваат. „Знаењето мора да се шири, а научното знаење не смее да биде нечија приватна сопственост“, нагласува Поповиќ.

„Пандемиската 2020 година ќе остане запаметена како времето кога овие традиционални вакцини беа заменети со нешто фундаментално ново: генетски вакцини, кои доставуваат ген или дел од генетскиот код до човечките клетки. Потребна ни е силна превенција на глобално ниво, не само во борбата против овој вирус, туку и во дебелината, ХИВ/СИДА, маларија, ризично однесување/наркотици, пушење и сè што може да се спречи, а го загрозува глобалното здравје“, вели Драгослав Поповиќ.

Да сме живи и здрави, па да дочекаме.

Преземено од „Недељник“ од Белград

 

Видео на денот