Вакцина на крајот на карантинот

Кога речиси сѐ е затворено, работат и преубави мириси шират голем број ресторани, кои сега се преориентираа во продажба на храна за носење. Од сите краишта на светот. Оние што дојдоа тука, кои живеат и работат тука, го „вакцинираат“ градот за да издржи уште малку. Вистинските вакцини, велат, ќе почнат да се дистрибуираат во декември. Едвај чекам.

Ако треба да резимираме, ситуацијата беше ваква. Сирења изедени 5, кашкавали 3, патлиџани, пиперки, зелка (со прст благо изрендан) – додека имаше. Шишиња ракија испиени, 1, другата начната, и купечка и домашна, 2 леба – и оној со седум вида семки на жито лукс и оној што сосетката Џени своерачно го замеси изедени, некое мевце и риба донесени од патешествието низ континентот и одмрзнати  дома од дното на замрзнувачот – консумирани и сето тоа залиено и оттагувано со Т‘гата за југ и засладено со пиварките и домашните бисквити со путер на тетка Мимоза. Ете така и со многу мрчење, книги, медитација, интернет, мрчење Твитер, нешто Фејсбук, мрчење и речиси ништо работа поминаа 14-те дена од задолжителниот карантин што моравме да го поминеме и цената што моравме да ја платиме поради нашето шеткање и уживање низ континентот, што ќе рече Европа. Спомнав мрчење? Значи толку мрчосување и жалење за сопствената судбина да се седи затворен дома две недели без можност нос да се извади надвор, а камоли нешто друго, немам видено досега. Кој тоа? Па јас. Страшно.

 Од оние одличните

Е, сега, да бидам искрена, а таква сум, еднаш киднав од дома, на пет минути минатата недела, до Индијците на аголот, да ги купам сите неделни весници, иако сум претплатена на сите на интернет. Друго е кога ќе фатиш весник во рака, а друго кога имаш мобилен или таблет или на компјутер кога читаш, ме разбирате. Како во криминалистичките филмови, мобилниот го оставив  дома, да не ме лоцираат преку него дека не сум на адресата што ја дадов кога го пополнував формуларот на полицискиот сајт на враќање во државата, во кој мора да се наведе во детали каде, кога, колку што и зошто сум била низ светот пред да се вратам дома. Крими драма. Како некој мене да ме чека да го прекршам законот. Ама казните се од 300 до 3.000 фунти, па кој сака нека повели. Јас бев од оние одличните што бегаа од часови, ама имаа одлично поведение.

Ајде ма, го претеруваш, јас си излегував кога се вратив од Париз, ми вели Мирјана на која ѝ е здодевно и бара друштво за кафе-муабет. Па и други така прават, ми вели. Дали тие другите случајно се од нашите краишта, ја прашувам. Е па да. Е па не. Со оглед на истенчениот домашен буџет по шетањето, „ни зрно жито на непријателот“, ни пени казна за прекршоци, ни лоши навики и можно ширење зараза во време на пандемија.

Славења имаше

А потоа, почна да се случува. Излеговме од карантин, кој  не можевме да го прославиме со пријатели и познати поради локдаунот кој во меѓувреме го воведе владата. Но, прослави секако имаше. Дознав дека во мојата улица живеат поддржувачи и љубители на ликот и делото на претседателскиот кандидат Џо Бајден, па кога се потврди дека тој е следниот претседател на Соединетите Држави, од неколку куќи излегоа, до завчера воздржани Англичани да ги дотрошат петардите од минатата Нова година, два-тројца отворија пенливо, а еден тропаше во тенџере со дрвена лажица, како што го правевме тоа порано секој четврток во чест на вработените во јавното здравство.

И – вакцината! Во Обединетото Кралство и натаму секој ден умираат повеќе од 500 луѓе, досега починале над 50.000 (прва земја во Европа) и бројот на заразени е десетици илјади. Има и многубројни скандали за тендери за опрема и консултантски услуги што добиле брачни партнери и блиски на министри и пратеници. Владата потроши милиони фунти на неуспешната апликација за тестирање и следење заразени, за која една вработена кажа дека се изнагледала филмчиња на „Нетфликс“ чекајќи системот да проработи. Секој ден сѐ повеќе компании објавуваат дека отпуштаат вработени, па канцеларот Риши Сунак беше принуден да го смени курсот, па откако прекина реши да го продолжи исплаќањето на 80 проценти  од платите на оние на принуден одмор до март идната година, но само на оние што работат битни работи, и тоа според критериумите на владата.

Кандидати и воздржани

Но, сепак – вакцината! Веста дека вакцината за ковид-19 на компанијата „Фајзер“ има успешност од 90 отсто, односно дека може да спречи повеќе од 90 проценти од луѓето да ја добијат болеста, го обиколи светот и беше голем повод за радост и славење и тука. Ние – екстатични. Но, да го видевте премиерот Борис Џонсон на понеделничката прес-конференција, ќе помислевте дека не ја дочул веста. Или не разбрал баш најдобро. Ни порача и понатаму да се чуваме и да внимаваме (добро, фала, знаеме) и потоа соопшти  дека купил(е) 40 милиони дози од оваа вакцина, доволни за околу третина од населението. Секому ќе ни треба две дози, земени на растојание од 21 ден. БоЏо рече дека биле нарачани повеќе од 300 милиони дози од пет други, како што ги нарече „кандидати“, односно производители на вакцини во светот (ги има 200), меѓу кои „Јансен“, „Новавакс“, „Астра Зенека“, „Глаксо Смит Клајн“ и Универзитетот во Оксфорд. Дали тие се успешни, не знае(ме). Ама се нарачани. Руски вакцини нема…

Не ме интересира воздржаноста на Џонсон и на владата, не сакам да помислувам дека им е криво што Оксфордци први не направија пробив (а ќе им беше мило, верувајте), ние тука се радувавме и уште се радуваме. И многу ни е мило ем драго. Уште повеќе од фактот што оние кои ја создадоа најбараната вакцина на светот се вредни и умни деца на турски имигранти во Германија, земја која има либерална имигрантска политика. Тоа некако ми падна на памет кога ги читав мерките на министерката за внатрешни работи, онаа која смислува формулари, правила и прописи како да се оневозможи доаѓање имигранти во земјата кои немаат каде, но им направи проклето тешко и на образованите, студентите, професионалците. Мрежи ќе става на Ла Манш за бродовите, вештачки бранови ќе прави, а подобро и да не почнувам за формуларите со  безобразно непристојни прашања кои задираат во приватноста и ќе предомислат и ќе навредат обичен човек, а не па научник кој можеби го има лекот за некоја ретка болест и сака да се доусовршува тука.

И во сето ова, кога речиси се е затворено, работат и преубави мириси шират голем број ресторани кои сега се преориентираа во продажба на храна за носење. Од сите краишта на светот. Оние кои дојдоа тука, кои живеат и работат тука, го „вакцинираат“ градот за да издржи уште малку. Вистинските вакцини, велат, ќе почнат да се дистрибуираат во декември. Едвај чекам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот