Вака ли се прават продуктивни службеници?

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Владата не престанува да игра додворувачки танц со администрацијата, ама притоа заборава дека „гази по нозете“ на армијата од други трудбеници, кои зависат само и единствено од волјата на нивните газди. Без разлика дали некој го опипува пулсот на народот, најавата дека администрацијата и државната бирократија во петок ќе работат само 4 часа, предизвика горчлив вкус во устата, кој не може да се испере со некакво пеперминт бонбонче. Оти, да не заборавиме, администрацијата ќе добие и додаток на платата, кој ќе се исплаќа по локалните избори.

Да, да, по бурните реакции на јавноста, од Владата се повлекоа, ама привремено, посочувајќи дека по завршувањето на изборите, ќе знае кој ќе добие додаток на плата! Од Владата соопштија дека „високо ги ценат работничките права и се водат од тоа дека треба да има принцип на награди, доколку работникот извршил зголемен број работни задачи по обем и квалитет. Исто како што има и принцип на казни доколку не се извршени работните задачи“. Што би се рекло – убаво срочено и во духот на непристрасноста и недискриминацијата… Ако смееме да прашаме – вака ли се создава продуктивна, вредна и лојална администрација?

Пласирањето на новиот предлог-закон за административни службеници на Министерството за информатичко општество и администрација со кој се менува работното време на административците од сегашните 40 часа неделно на 36, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено, освен што е предизборно, тоа е и тотално нефер кон работниците од приватниот сектор. Првичните реакции од граѓанските здруженија, но и од научната фела, одат во правец на тоа дека ваквиот предлог е дискриминаторски и се коси со уставно загарантираните права и слободи на граѓаните. А може да се обложиме дека Собранието, ако беше во функција, брзопотезно ќе дадеше зелено светло за овој предлог. За разлика од него, тој за неработна недела се влечка една година.

Без намера да си играме со верските чувства, предлогот за скратено работно време на администрацијата потсетува на потегот на Владата на Груевски, која петокот пред Духови го прогласи за неработен ден. Официјалното образложение беше дека ова се прави со цел граѓаните да може да се подготват за празникот (Задушница секогаш се паѓа во сабота), очевидци тврдеа дека пред празникот со „трн да маваш“, нема човек да боцнеш по канцелариите!?

Наводно за да се расчистуваат непродуктивните запци што ги нервираат и граѓаните и бизнисмените, административците во 2012 година добија семафор за оценка за работата. Иако преку нив требаше да се собираат податоци за задоволството (зелено) на граѓаните, тие никогаш не дознаа дали некој некогаш одговарал поради лошото работење (црвено), односно што се подобрило со семафорот.

Лани во септември, кога беше претставен Индексот на бирократија, истражување направено во шест европски земји, вицепремиерот Фатмир Битиќи посочи дека дури и во денешното време на дигитализација, сè уште на бирократијата се гледа како на масивен, тром и неефикасен систем, кој бавно се приспособува на потребите на реалниот сектор и на потребите на граѓаните. А додека се прилагоди, овој гломазен гласачки апарат треба да се подмачкува пред секои избори…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот