Вака изгледаат финансиските резултати на петте најголеми национални телевизии

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги објави Анализа на пазарот во која беа опфатени Петте телевизии кои емитуваат програма на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс во 2018 година.

Според истата, тие оствариле вкупни приходи во износ од 1,063.85 милиони денари, што претставува благ пад во однос на приходите од претходната година.

Од 2015 година наваму, заедничките вкупни приходи на овие пет телевизии во континуитет се намалувале.

Во споредба со 2017 година, освен ТВ Алфа, чии приходи се повисоки за 35,45%, останатите четири телевизии бележат опаѓање на приходите во однос на претходната година, и тоа: ТВ Алсат-М за 1,07%, ТВ Сител за 4,29%, ТВ Телма за 4,35% и ТВ Канал 5 за 8,51%.

Од вкупните приходи 92% на овие пет телевизии биле остварени од продажба на времето за рекламирање и телешопинг.

Приходите од реклами биле речиси единствен извор на приход на три телевизии, и тоа на: ТВ Алсат-М, која од рекламирање остварила 92,04% од вкупните приходи, ТВ Канал 5 – 93,81% и ТВ Сител – 96,11%. Приходите од рекламирање што ги остварила ТВ Алфа претставувале 87,64% од вкупните приходи на оваа телевизија, а приходите на ТВ Телма – 83,20%.

При пресметувањето на учеството на секоја телевизија во вкупните приходи од рекламирање на овој сегмент од телевизискиот пазар, предвид се земени и приходите што по овој основ ги остварила Македонската телевизија, со оглед на тоа дека во овој дел од работењето, таа се јавува како субјект на овој релевантен пазар.

Најатрактивна телевизија за огласувачите била ТВ Сител, која остварила највисоки приходи од реклами (415,64 милиони денари). Приходот на ТВ Канал 5 изнесувал 176,49 милиони денари, а на ТВ Алсат-М 144,20 милиони денари. ТВ Алфа и ТВ Телма оствариле приближно ист износ (124,29 милиони денари, односно 120,47 милиони денари).

Во овие износи се вклучени и приходите од емитување јавна пропаганда за време на референдумот. Петте телевизии по овој основ заеднички оствариле 26,50 милиони денари, од кои најмногу ТВ Сител (7,25 милиони денари), а најмалку ТВ Алфа (1,60 милиони денари). Приходот на ТВ Алсат-М по овој основ изнесувал 6,59 милиони денари, на ТВ Телма – 5,60 милиони денари и на ТВ Канал 5 – 5,46 милиони денари.

Во 2018 година, вкупните трошоци на терестријалните телевизии изнесувале 1.024,88 милиони денари. Тие бележат минимален пад во споредба со претходната година за 0,17%.

ТВ Канал 5 потрошила 8,01% помалку во споредба со претходната година, ТВ Телма за 2,40%, а ТВ Алсат-М 0,75% помалку отколку во 2017 година. Останатите две телевизии ги зголемиле трошоците и тоа: ТВ Алфа за 5,67% и ТВ Сител за 3,47%.

И оваа година највисоки трошоци направила ТВ Сител (412,95 милиони денари, односно 40,29% од вкупните трошоци на овие пет телевизии).

Најголем дел од вкупните трошоци биле директни трошоци за создавање на програмата (66,46%), а од нив пак најмногу биле издвоени за набавка на програма (329,46 милиони денари).

За набавка на програма ТВ Сител потрошила повеќе средства отколку останатите четири телевизии заедно (179,25 милиони денари). ТВ Канал 5 набавила програма за 66,57 милиони денари, ТВ Телма за 44,88 милиомни денари, ТВ Алсат-М за 20,41 милиони денари, а најмалку средства за купување програма потрошила ТВ Алфа – 18,43 милиони денари.

Ова е единствен сегмент од телевизиската индустрија каде што најголем дел од трошоците се за купување на програма. Сите останати (телевизиите на државно ниво што емитуваат преку неограничен ресурс, регионалните и локалните телевизии) најмногу средства потрошиле за плати и други надоместоци за вработените.

Трошокот за плати и другите надоместоци за вработените директно поврзани со производство на програма претставувал 25,22% од вкупните трошоци на телевизиите. Најмногу средства за надоместоци за вработените издвоиле ТВ Сител (72,13 милиони денари) и ТВ Алсат-М (56,66 милиони денари), а приближно исто потрошиле ТВ Телма (46,71 милиони денари) и ТВ Канал 5 (43,61 милиони денари). Најмалку за оваа намена издвоила ТВ Алфа (39,35 милиони денари).

Финансискиот резултат од работењето кој го оствариле терестријалните телевизии на државно ниво во 2018 година бил добивка во износ од 32,70 милиони денари. Освен ТВ Телма која работела со загуба и остварила негативен финансиски резултат од 21,48 милиони денари, останатите четири телевизии прикажале добивка, и тоа: ТВ Алфа – 29,86 милиони денари, ТВ Алсат-М – 5,36 милиони денари, ТВ Канал 5 – 0,28 милиони денари и ТВ Сител 18,68 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот