Вајс: Ремито е наша грешка, импресиониран сум од Пандев
Селекторот на фудбалската репрезентација на Грузија, Владимир Вајс изјави дека жали што неговата репрезентација ја испушти победата и упати пофални зборови за капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев.
– Не можам да бидам среќен, Македонија играше со десет играчи и постигна гол. Дали беше пенал, нема да коментирам. Но, ние мораше да дадеме уште неколку гола затоа што имавме многу шанси. Тажни сме, ама ќе видиме што ќе биде за еден месец. Шансите се 50-50. Играме дома, ќе видиме каква ќе биде ситуацијата со коронавирусот и дали ќе има публика. Македонија играше без три играчи, ние бевме без шест или седум играчи. Но, покажавме добар фудбал, со емоции, имавме мал проблем во средината на првиот дел, затоа што Алиоски играше доста добро. Ама ние бевме подобри во вториот дел, имавме три до четири сериозни шанси, ама дадовме еден гол. Ова е наша грешка.
Морам да кажам дека сум импресиониран од Пандев. Како го одигра целиот натпревар, тоа е еден фантастичен играч за секоја пофалба, во негови години како игра, како ја брани топката, како ја движи… Многу важен играч за Македонија. Ќе видиме за еден месец како ќе го сопреме – изјави Вајс.