В недела ќе се вози илјадитата трка во историјата – Слободен печат
ОстанатoСпорт

В недела ќе се вози илјадитата трка во историјата

Првиот натпревар од Формула 1 се организираше во 1950 година, кога на патеката Силверстон се извози трката за ГН на Велика Британија, на која триумфираше Џузепе Фарина со болидот на Алфа Ромео.

Срѓан Ивановиќ

Формула 1 го прославува блескавиот јубилеј, 1000 трки во својата историја. В недела на патеката во Шангај ќе се одржи трката за ГН на Кина, која покрај тоа што ќе биде значајна за поредокот на возачите и екипите, ќе биде запишана и како милениумски натпревар во „најбрзиот циркус на четири тркала”.

Првиот натпревар од Формула 1 се организираше во 1950 година, кога на патеката Силверстон се извози трката за ГН на Велика Британија, на која триумфираше Џузепе Фарина со болидот на Алфа Ромео. До денес вкупно 764 возачи се појавија на патеките каде што се вози најквалитетното брзинско натпреварување во светот, а на местото од подиумот предвидено за победникот, се искачија вкупно 107 пилоти.

Со текот на годините магијата се додаваше на сите страни од Земјината топка. Од Мелбурн парк во Австралија, преку јапонската Сузука, традиционалните европски патеки, па сè до Северна и Јужна Америка.

Среќни и тажни моменти

Во текот на досегашните трки се случија повеќе моменти, кои ќе останат врежани во колективната меморија на фановите на овој спорт. Се сеќаваме кога на патеката Интерлагос во 2008 година, Луис Хамилтон во последниот круг го помина Тимо Глок и стана најмладиот шампион во историјата.

Во 2011 година со своето фанатично возење на трката во Канада, Џенсон Батон дојде до првата позиција, иако натпреварот го започна од последната стартна позиција.

За жал, сите се сеќаваме и на трката во Имола во 1994 година, кога светот остана без големиот Аиртон Сена. Повеќе или помалку, се сеќаваме и на сите други жртви што ги однесе Формула 1.

Кралот Шумахер

Најтрофејниот пилот е Михаел Шумахер со седум шампионски титули и вкупно 91 победа во кариерата. А човекот со најмногу обеди по ред, вкупно девет, е Себастијан Фетел. Бразилецот Рубенс Баричело ќе остане запомнет како возачот со најмногу стартови во историјата(326).

Најмладиот победник на една трка е Макс Ферстапен, кој триумфираше со 18 години и 228 дена, додека Луиџи Фагиоли е највозрасниот со наполнети 53 години од животот.

Во своите први трки во Формула 1, до победа стигнаа Нино Фарина, Џони Парсонс и Џанкарло Багети, додека Макс Вебер на својата прва победа мораше да чека цели 130 трки.

Историјата на Формула 1 ќе продолжи да се пишува и в недела, кога ќе се одржи третата трка од годинешниот календар. На претходните две триумфираа возачите на Мерцедес, Луис Хамилтон и Валтери Ботас.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close