Фото: EPA-EFE/STRINGER

Ужас во Јужна Африка: Над сто „диви“ рудари се мртви, со месеци биле заробени под земја

Најмалку сто рудари кои илегално ископувале во напуштен рудник за злато во Јужна Африка, се мртви откако со месеци биле заробени во окното додека полицијата се обидувала да ги извлече, објави „Вашингтон пост“ повикувајќи се на изјава на претставник на група што ги застапува рударите.

За трагедијата се дозна во јавноста откако сестрата на еден од рударите го објави писмото што ѝ го испратил, во кое се вели дека 109 луѓе веќе починале во рудникот „Буфелсфонтајн“, околу 160 километри југозападно од Јоханесбург.

Сабело Мнгуни, портпарол на Групата засегнати од рударството „Обединети во акција“, изјави за „Асошиејтед прес“ дека во телефон испратен на површината со некои спасени рудари во петокот, имало две снимки на кои се гледаат десетици тела во рудникот, завиткани во најлонски кеси.

Мнгуни вели дека „најмалку сто луѓе“ загинале во рудникот.

„Се претпоставува дека тие умреле од глад или дехидрација“, изјави тој, додавајќи дека 18 тела се извадени од петокот наваму.

Фото: EPA-EFE/KIM LUDBROOK

Полицијата во ноември започна операција со која имала намера да ги принуди рударите да излезат, подоцна запирајќи им ги изворите на храна, вода и лекови. Блокадата беше прекината по судска наредба, но рударите добиле само мали количества залихи во ноември и декември. Оттогаш, повеќе од 150 рудари успеале да излезат од рудникот, принудени од глад и жед. Според властите, 400-те рудари кои останале во окното, намерно не излегувале за да избегнат апсење.

Нелегалното рударство е во подем во Јужна Африка во последните децении бидејќи многу рудници беа напуштени и прогласени за исцрпени од индустриска гледна точка. Во нив, сепак има мали количества злато, а аналитичарите проценуваат дека во земјата има околу 30.000 нелегални рудари, познати како „зама зама“, кои произведуваат дури 10 отсто од златото во Јужна Африка. Тие работат во 6.000 напуштени рудници, често контролирани од насилни криминални здруженија, пишува „Гардијан“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот