Утрово предупредувачка блокада на грчката граница: Македонските камионџии со поддршка за грчките колеги за да се овозможи слободен проток

Фото Архива на СП

Утринава од 6 часот почнал протестот на грчките камионџии на граничниот премин Евзони, за да се испрати порака до тамошната влада и да се деблокираат транпортните коридори. Биљана Муратовска од Макам транс за „Слободен печат“ вели дека таму била и нивна делегација, која се придружила на блокадата која траела до 10 часот. Поддршка стаса и Здружението АМЕРИТ. Деновиве од грчка страна е минимално зголемен бројот на дозволи за влез на камиони, но тоа не е доволно за нормален проток. До минатата недела камионскиот транспорт беше изземен од тестови и транспортот на Коридорот 10 се одвиваше без застои, потсетува Муратовска.

– Транпортните здруженија се солидарни во ваква ситуација и се придруживме на барањата на грчките колеги, граничниот премин Богородица-Евзони да биде отворен 24 часа. И тие и ние не сме против правењето ПЦР тестови, но грчките власти мора да обезбедат повеќе здравствени екипи за да нема застои. Се бориме и за еднаков третман, бидејќи на границата меѓу Грција и Бугарија (Промахонес), се работи 24 часа и ПЦР тестовите се прават по случаен избор, додава Муратовска.

Застоите на граничниот премин Богородица- Евзони, кој е единствен отворен за влез и излез од Грција, ги алармираа и тамошните бизнисмени, кои трпат сериозни штети од блокадите.

– Грчките нафтени компании се сериозно загрижени од ваквиот развој на ситуацијата, бидејќи Македонија одтаму набавува гориво. Да не зборуваме за транспортот на стоки за широка потрошувачка, суровини за хемиска индустрија и црната и обоената металургија, објаснува Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот