УТРИНСКИ БРИФИНГ | Зекир: Почнуваме со собирање отпад за рециклажа од Аеродром и Карпош

Асиб Зекир, социјално претпријатие РЕДИ / Утрински брифинг

Од 1 декември стартува забраната за користење пластичните кеси за еднократна употреба, а биоразградливите кеси ќе се плаќаат по 15 денари.

Од први декември за првпат се воведува и забрана за еднократна употреба на пластично пакување во заштитените подрачја.

Премиерот Зоран Заев и Министерот за животна средина Насер Нуредини посочија дека со овие закони се прави усогласување со европското законодавство. Законската рамка и Националниот план за управување со отпад 2021-2031 детално го уредуваат собирањето, транспортот, селектирањето, рециклирањето на отпадот, како и неговиот третман и искористување, со што ќе се овозможи создавање на ефикасен регионален систем за управување со отпад.

А кога сме веќе кај рециклирањето отпад деновиве беше најавено отпочнувањето со работа на новото Социјално претпријатие РЕДИ – Рециклажа чија основна цел е преку селектирање отпад да се подобри животниот стандард и работа на неформалните собирачи на отпад, а со тоа паралелно да се подобри и состојбата на животната средина во државата.

Претпријатието има лиценца за собирање и транспорт на неопасен отпад, издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање. За што всушност станува збор и за сите информации кои се неопходни за вклучување на граѓаните во оваа иницијатива гостин во Утрински брифинг беше Асиб Зекир управител на ова социјално претпријатие.

-Го поделивме процесот на три фази, а првата е собирањето отпад преку мапирање згради каде што поставуваме наши канти за отпад кои ќе бидат празнети од нашите собирачи. Ќе користеме електрични трицикли што е уште едно нешто добро за животната средина, вели Зекир за Утрински брифинг.

Тој вели дека неформална бројка на неформални собирачи на отпад во Скопје е околу 1500 и најавува дека во иднина ќе ги мапираат нивните потреби и бројка низ целата држава. Но засега, во првата фаза, социјалното претпријатие ќе има 10 вработени, а во останите две фази – третман на отпад и рециклирање – се планира вработување на уште работници.

-Аеродром и Карпош пријавија најголем интерес и затоа почнуваме оттука. Потоа ќе видиме дали ќе се прошириме во другите општини. Опфатени се околу 400 станбени објекти. Однапред не знаеме колку отпад ќе се собира, но според планот, претпријатието ќе биде самоодржливо. Домаќинствата ќе имаат бесплатни контејнери и отпадот ќе се собира двапати неделно, вели Зекир за Утрински брифинг.

Бидејќи засега претпријатието нема сопствени складиште тој ќе се носи во отпади кои имаат лиценца за заштита на животна средина. Во иднина од РЕДИ планираат сопствени складиште каде ќе можат да складираме и сортираме отпад за рециклажа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот