УТРИНСКИ БРИФИНГ | Проф. Стојановски: Македонија не е атрактивна земја за мигрантите
Треба да се навикнеме дека мигрантските бранови ќе се појавуваат по секое големо воено жариште кое предизвикува сериозна загрозеност по животот на цивилното население, вели за Утрински брифинг проф. Трпе Стојановски, експерт за мигранциски процеси.
-Ова што се случува сега со Авганистан е карактеристичен пример, една свежа ситуација што произлезе по повлекувањето на меѓународните сили од таа земја и заземањето на власта од страна на талибанците. Но, внатрешни борби меѓу политичките сили таму ќе има и допрва ќе видиме што ќе се случува, вели проф. Стојановски за Утрински брифинг.
Тој потенцира дека по големата мигрантска криза во 2015 и 2016 година, земјите се подготвени за вакви ситуации и имаат искуства кои несомнено ќе ги применат и во овој случај.
-За ЕУ е карактеристично тоа што нема хармонизирана политика за миграциските текови, а нивните механизми се неефикасни особено кога станува збор за нелегалната миграција, вели проф. Стојановски за Утрински брифинг.
Стојановски не очекува дека ќе се случи мигрантски бран како оној од 2015 година, но таа претходна мигрантска криза покажа дека единствената ефикасна и организирана структура и координирана сила беше НАТО со своите механизми.
-Реална опасност се нелегалните мигранти. Тие се соочуваат и со природни и со административни препреки и ќе бидат изложени на криминалните групи, вели професорпт за Утрински брифинг и нагласува дека на ова државите кои се наоѓаат на мигрантската рута треба да обрнат посебно внимание.
Тој вели дека што се однесува до нашата земја, Македонија генерално е неатрактивна земја за мигрантите, тие само ја користат нашата територија за транзит кон Европската унија и далеку поатрактивните земји со подобри услови.
-Видете само колкумина наши сограѓани се иселуваат оттука и заминуваат. Тоа е еден од индикаторите за тоа колку сме неатрактивни за мигрантите, вели проф. Стојановски за Утрински брифинг.