ВИДЕО | Муслиу: Штета што ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидат, оти Скопје е круната

Алберт Муслиу, политички аналитичар / Утрински брифинг

Дуелот меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски не го поткрена расположението за гласање на претстојните локални избори, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу за Утрински брифинг.

Тој коментира дека Заев се осврнал на интеретнички теми додека Мицкости се фокусирал на корупцијата.

Генерално, на дуелот тие се лимитираа на теми кои се небитни. Мицкоски постојано инсистираше на градоначалникот за Скопје, каде што оваа партија нема свој кандидат туку поддржува друг, или инсистираше на некои глобални теми, кои не дека не се битни, но не се битни за локални избори. Од друга страна Заев беше под притисок да ја брани апсолутната победа од претходните локални избори, што не е лесно, вели Муслиу за Утрински брифинг.

Бидејќи општ е впечатокот дека во оваа кампања за локалните избори се наметнуваат теми како за парламентарни избори Муслиу потсетува дека парламентарните избори се одржуваат тогаш кога им одговара на мнозинството, а не на опозицијата. Единствен исклучок се изборите во 2016 година кога имаше силен притисок од јавноста преку протести и од меѓународната заедница.

Има тенденција да се поврзуваат локалните со парламентарните избори, но тоа е стратегија за давање морал на членовите на поличките партии, вели Муслиу.

Муслиу смета дека е штета е што ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидат за градоначалник на Скопје, оти според него Скопје е круната со која се мери победата. Иако, како што вели Муслиу: „Ние откако имаме локални избори немаме губитник“.

Предизборните па и премолчаните договори меѓу партиите на Албанците и на Македонците не се спорни. Но, ако се промовираат како вовед на идни парламентарни избори тогаш неминовно е да се наметнат некои теми. За албанската заедница се битни работи како Законот за јазици, договорот од Преспа и слично, па прашање е како тоа ќе се изведе без да се загубат гласови, вели Муслиу за Утрински брифинг.

Тој коментира дека по 2015 година гласачите се просветлени, па политичарите не можат да ги насочуваат по своја желба.

Не е сѐ во бројките туку и до ставовите, и тоа е причината зошто ВМРО-ДПМНЕ не успеа да направи коалиција со ДУИ во 2016 година, вели Муслиу.

Што поголем број независни кандидати и листи според Муслиу претставува богатство. Но, тој во овие независни не гледа стандарно независни туку бивши зависни кои поради недоразбирања во нивните поранешни партии се одвоиле формирајќи свој корпус.

-На локални избори се промовираат индивидуи. Тука имаше простор да излезат стварно независни кои ќе се одвлечат од партизацијата на локалната самоуправа, коментира Муслиу.

Тој смета дека Левица на претходните избори зеде што можеше да земе од СДСМ, но дека потоа се виде дека не е лева Левица, па сега може да земе гласови од ВМРО-ДПМНЕ за што во таа партија се свесни. Според Муслиу, стварно независните можат да земат гласови од СДСМ.

Муслиу страшно ниската застапеност на жените на овие локални избори (8%) го коментира како исклучително лошо, особено што имаме поинакви примери од соседството, како што е Албанија во чијашто влада од 17 министри 12 се жени.

И жените треба да се освестат. Не е само градската хигиена во прашање туку се битни и политичките ставови на партиите кои ги поддржуваат. Добра идеја е жените да гласаат за жени. Не може да исклучите огромен број од своите граѓани како што сега се прави со жените, вели Муслиу за Утрински брифинг.

Проследете го целиот разговор во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот