УТРИНСКИ БРИФИНГ | Лазаров: РСБСП ја спроведува Европската недела на мобилност

Владимир Лазаров, сектретар на РСБСП / Утрински брифинг

Како и минатите години, кампањата „Европска недела на мобилност“ која се спроведува на иницијатива на Европската комисија започна вчера и ќе трае до 22 септември. Кампањата има за цел да промовира алтернативни форми на мобилност, како што се пешачењето и велосипедизмот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) нареднава недела ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност, со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот.

-Истражувањата покажуваат дека во изминатата деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина, вели Владимир Лазаров, секретарот на РСБСП за Утрински брифинг.

Според него, најзначен е здравствениот бенефит од возењето велосипед.

-Општо познато е дека луѓето коишто инкорпорираат физички активности во нивниот дневен живот, генерално живеат подолг и поздрав живот од останатите. Велосипедизмот како физичка активност помага во градењето на мускулот, слабеење, спуштање на високиот крвен притисок и зајакнување на срцето. Исто така, возењето велосипед, докажано помага при намалување на стресот, и подобрување на сонот, вели Лазаров за Утрински брифинг.

Граѓаните треба да имаат на ум дека еколошките бенефити кои ги носи велосипедизмот се многу значајни. Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво, и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте.

Истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од дневните патувања кои ги правиме секојдневно се пократки од 5 километри, што ги прави идеални за изминување со велосипед. Користењето на велосипедот како превозно средство овозможува да се избегнат метежите по улиците и да се патува безбедно и побрзо до крајната дестинација, и со помалку нервози.

Патувањето со велосипед, исто така, го елиминира еден од најголемите проблеми на патувањето со автомобил, а тоа се паркинг местата.

-Треба да се има на ум дека велосипедистите и пешаците се еднакви учесници во сообраќајот и треба да се почитуваат. Но, и тие треба да ги почитуваат правилата. Во велосипедски сообраќај можат да се вклучат сите и деца над 10 години, а деца под 10 години треба да имаат придружба на лице над 16 години, во спротивно родителите ќе добијат казна, вели Лазаров за Утрински брифинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот