Утре средба Ковачевски – Таравари, до петок ќе си подадат рака за партнерство

Усогласување на програмата и во најголем дел на ресорите се очекува на денешната средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, а до петок и парафирање на договорот за влез на опозициската партија во Владата, брифираат за „Слободен печат“ високи функционери од СДСМ и од Алијанса. Но и пред средбата во Владата, останува неизвесно дали владиниот партнер Алтернатива ќе го отстапи ресорот здравство или ќе замине од „Илинденска“.
Од партијата на Африм Гаши остануваат на позицијата дека за влез на Алијанса во власта, ДУИ и СДСМ треба да отстапат ресори. Дали Алтернатива ќе „омекне“ и ќе го отстапи здравство за директорско место во „силна“ институција, понуда која е во игра, ќе биде јасно до петок за кога, се очекува Ковачевски и Таравари да си подадат рака за партнерство. Според извори од власта, интенција е Алтернатива да остане во владејачкото мнозинство. Оттаму велат дека не држат објаснувањата на Алтернатива оти нив не ги засега влезот на Алијанса во власта, па тие не треба да отстапат ресор, бидејќи и тие, за разлика од лани кога станаа дел од „Илинденска“, изгубија еден пратеник. Според информациите, можниот влез на Алијанса ги поделил тројцата пратеници на Алтернатива. Од друга страна, стравувањата во Алтернатива се ако го изгубат здравство, дека ќе го изгубат и чаирскиот огранок, од каде што доаѓа министерот и генерален секретар Беким Сали. Гаши ќе треба да пресече.
Од Алтернатива за „Слободен печат“ велат дека остануваат конзистентни на нивната позиција.
„Немаме намера да навлегуваме во мотивите зошто Алијанса за Албанците толку сака да влезе во Владата, дали е тоа за спас на ДУИ или со тоа ја условуваат нивната поддршка за уставните измени. Тоа е нивна работа. Алтернатива има договор со СДСМ за коалицирање, постигнат кога ние го спасивме ова парламентарно мнозинство и тој договор нашата партија целосно го почитува. Ако коалицискиот партнер сака да го повлече или да го смени договорот, тие треба да одговорат за евентуално нови опции за коалицирање. Додека не добиеме таква информација, не сакаме да навлегуваме во шпекулации што е за нас прифатливо, а што не е“, велат од Алтернатива.
Од Алтернатива повторуваат дека се најсилен поддржувач на европерспективата на земјава и дека голи политички пермутации, без да се земе предвид како тие ќе влијаат на ЕУ-интеграциите, ризикуваат да го намалат политичкиот потенцијал во општеството.
Висок функционер од Алијанса за „Слободен печат“ вели дека на средбата Ковачевски – Таравари очекува решение за програмскиот дел и 90 отсто заокружување на ресорите. Таравари во програмскиот дел ќе инсистира на законски решенија за ветинг, потекло на имот, независен буџет за Антикорупциска. Алијанса за веќе договорени ги смета ресорите здравство и правда, додека третото министерство ќе зависи од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ. Во игра се ресорите образование, животна средина и земјоделство или ако Алтернатива замине, тогаш информатичко општество. Освен три министерства, Алијанса треба да добие и две заменик-министерски позиции. Интересно е дека им е понудена заменичката позиција во ресорот одбрана, каде актуелен кадар е Башким Хасани од „огнената група“ од ДУИ. Со ова лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе развласти еден од „огнените“. Второто заменичко место ќе зависи од министерската рокада меѓу СДСМ и ДУИ. Од Алијанса велат дека тие инсистираат заменик-министерот да не биде во ресор раководен од министер-Албанец. За функциите во третиот ешалон, како што веќе објавивме, Алијанса бара двојна застапеност во однос на Алтернатива, бидејќи имаат двојно повеќе пратеници од партијата на Гаши.
Премиерот Ковачевски ја потврди утрешната средба Таравари, на која ќе се разговара за можен влез на Алијанса во владината коалиција.
„Утре ќе имаме состанок со Таравари. Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија што можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски.
Премиерот повтори дека за кадровските прашања не е разговарано, но додаде дека ако тој и Таравари најдат заеднички јазик во програмските политики и во делот на законските системски решенија, може да се разговара за тоа. Според Ковачевски, при евентуален влез на Алијанса во Владата, ќе се запази моментниот етнички баланс, на што, пак, инсистира помалиот владин партнер Демократски сојуз.