Утре почнува пописот во Србија

Фото : Архива - Белград, Србија

Во Србија утре, сабота, ќе почне пописот на населението, домаќинствата и становите, а ќе трае до крајот на октомври. Околу 15.000 избрани попишувачи ќе одат „од врата до врата” со методот на интервју преку електронско попишување – со лаптопови што во голема мера ќе ја забрза постапката, бидејќи се прескокнуваат операциите што следат по пописот.

Граѓаните ќе одговорат на 69 прашања, од кои две не се обврзувачки-оние за националноста и веероисповеста, а оние кои ќе одбијат да учествуваат на пописот ќе бидат казнети, изјави денеска директорот на Заводот за статистика, Миладин Ковачевиќ.

„Пописот се врши со цел да се добијат прецизни податоци за етничките, економските, образовните, миграциските и други карактеристики на населението, кои се неопходни за добивање на сигурна слика за моменталната состојба, за проекции на идните движења, а особено за реалната проценка на последиците од иселувањето во странство во последните 11 години, изјави Ковачевиќ.

Националноста и религијата се единствените две од шеесет и девет прашања на претстојниот попис на кои жителите не треба да одговараат. Сепак, малцинските политичари сметаат дека е многу важно да се одговори на овие прашања, особено за националноста.

-Во Србија никој не може да има негативни последици од ова, но од друга страна е многу значајно бидејќи одредени права се врзани за процентот на припадници на одредена национална заедница во одреден локалитет, смета претседателот на Здружението на војводинските Унгарци, Иштван Пастор.

Хрватскиот национален совет во Србија (ХНВ) го започна спроведувањето на пописот со низа активности, изјави Томислав Жигманов, а еден дел од овие активности се однесуваа на кампањата „Знам кој сум!”, која има за цел да ја подигне свеста на граѓаните за важноста од изразување на својот идентитет.

-Конкретно, тоа значи дека со оваа кампања сакаме да ги охрабриме граѓаните од хрватска националност во Србија за време на пописот јасно да кажат дека се Хрвати по националност, дека нивниот јазик е хрватски и дека нивната вера (ако се верници) е римо-католичка без страв и со здрава гордост, рече Жигманов.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во Србија според последниот попис од 2011 година, за разлика од минатите години бројот на македонците опаѓа, или 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број на жители во Србија.

Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 македонци, и голем број се имаат населено во последните 11 години, така да ќе бидат значајни резултатите од пописот, да се согледа дали трендот на бројчаното опаѓање на изјаснувањето на македоците за својата национална припадност ќе продолжи и понатаму.

Согласно Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, државјаните на Република Србија кои живеат во Србија, како и странците со постојан престој и престој во Србија се должни да учествуваат во пописот и да дадат точни и целосни одговори на сите прашања. Секое одбивање, како и давање нецелосни и неточни информации, повлекува кривична одговорност и парична казна од 20.000 до 50.000 динари.

Првите прелиминарни податоци од пописот ќе бидат објавени до крајот на ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот