Албин Курти, премиер на Косово/Фото: EPA-EFE/ARBEN LLAPASHTICA

Утре парламентарни избори во Косово, денеска гласа дијаспората

Во недела на 9 февруари на Косово се одржуваат парламентарни избори на кои за 120 пратенички места во парламентот се борат 1280 кандидати од 28 партии. Дваесетте места се на претставници на малцинствата, а од нив десет се на српската национална заедница.

Денеска на Косово гласа дијаспората. Гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва во Европа почна во 7 часот, а во амбасадите во САД и Канада ќе започне подоцна, во 13 часот по средноевропско време.

Централната изборна комисија (ЦИК) на прес-конференција соопшти дека дијаспората гласа на 43 избирачки места во 16 амбасади и 14 конзулати на Косово, лоцирани во 19 различни земји.

За гласање во овие 30 дипломатски претставништва се пријавени вкупно 20.324 гласачи.

Според официјалните бројки, право на глас имаат два милиони косовски граѓани. Ова се шести избори од 2008 година, кога Косово ја прогласи својата независност и први што се одржуваат редовно откако владата на Албин Курти го отслужи својот четиригодишен мандат.

Лидерот на движењето „Самоопределување“, Албин Курти, се фокусираше на потезите на неговата влада за наметнување суверенитет на целата територија. Демонтирањето на илегалните структури на српската држава во северно Косово беше главниот фокус на Курти.

Косовскиот премиер како достигнувања со кои се заокружи процесот на формирање на држава Косово ги наведе забраната за српски регистарски таблички на северот, задолжителното користење на косовски лични карти од Србите, затворањето на канцелариите на српската влада и српските организации, како и укинувањето на динарот како средство за парични трансакции.

Курти ја повтори решеноста да не дозволи формирање Заедница на српски општини, истакнувајќи дека тоа би значело формирање на административен субјект, под контрола на Белград, во рамките на државата Косово.

Во втор план, во предизборните говори на Курти беше економијата, каде тој го потенцираше растот кој надмина 6%, зголемувањето на минималната плата од 130 на 350 евра и намалувањето на невработеноста од 26% на 10% за време на неговата влада.

За корупцијата која продолжува да го мачи Косово, тој призна дека не е доволно направено и вети подобри резултати доколку ја добие довербата од народот уште четири години.

Опозициските партии, главно централно-десничарскиот Демократски сојуз на Косово и социјалдемократската Демократска партија на Косово, силно го критикуваа Курти за неговата надворешна политика и главно за кризата во односите со САД и ЕУ.

Поткопувањето на процесот на нормализација меѓу Приштина и Белград, кој се спроведува под покровителство на ЕУ, од страна на Албин Курти, предизвика потреси во односите со Вашингтон и Брисел. ЕУ воведе санкции кон Косово кои се уште се во сила. Опозицијата го обвинува Курти дека само за 2024 година на граѓаните на Косово им одземал приближно 150 милиони евра кои биле наменети за развојни програми и биле „замрзнати“ поради европските санкции.

Проценките и анкетите на аналитичарите предвидуваат победа на движењето „Самоопределување“ на Албин Курти на парламентарните избори, но се проценува дека нема да може да го добие процентот што го имаше на претходните избори (50,2%) и нема да може самостојно да формира влада. Аналитичарите сметаат дека Курти ќе успее да најде политички сојузници, главно во партиите на несрпското малцинство, кои избираат десет пратеници и ќе го обнови мандатот.

Во претходниот парламент, движењето „Самоопределување“ имаше 58 мандати од вкупно 120 пратенички места.

Неделните парламентарни избори се од интерес во областите каде српското население е мнозинство. Семоќноста на „Српската листа“, поддржана од Белград, веќе не е извесна по „смалувањето“ на присуството на српската држава на северот на Косово.

Голем дел од српското население смета дека сето тоа се случило поради лошото управување на политичкото раководство на Србија.

Во претходниот парламент „Српската листа“ ги имаше сите десет пратенички места на српската заедница. Се проценува дека на овие избори нема да може да ги добие истите проценти и дека две други српски политички партии имаат големи шанси да влезат во парламентот, „Република Србија“ на активистот Александар Арсенијевиќ и Прогресивната демократска партија на Недад Рашиќ, министер за заедници и репатријација во владата на Албин Курти.

Шест политички коалиции се борат за гласот на Србите на Косово.

Гласачките места за утрешните парламентарни избори во Косово ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а затворени во 7 часот навечер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот