Утре ќе дознаеме на кои зеленчуци и овошја ќе им замрзнат цените

Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

До утре ќе се знае кои видови на зеленчук и овошје ќе бидат со замрзнати цени, најави министерот за економија Крешник Бектеши, а анализите се во тек. Министерството за земјоделство ги доставило влезните параметри за овошјето и зеленчукот до Министерството за економија, а ќе се земат предвид и податоците од Царинската управа.

– Ќе ги имаме сите податоци и во петок или во недела ќе ја информираме јавноста на кои овошја и зеленчуци ќе се замрзнат цените – истакна Бектеши во средата.

Фото МИА

Од денеска треба да почне примената на владината одлука за замрзнување на цените на дел од хигиенските производи кои воедно и поевтинуваат за 13 проценти. Претходно, со одлука на Владата, беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти, како и цените на јајцата и оризот кои останаа на нивото од 15 овој месец, додека цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама е замрзната на 33 денари.

Според министерот Бектеши, замрзнувањето на цените е мерка која дава резултат и можно е да се пролонгира кај одредени производи и по утврдениот краен рок, доколку се процени дека за тоа има потреба. Исто така, најави дека не се исклучени и други вакви интервенции.

Министерот е дециден дека нема да дојде до нагло поскапување на производите кога ќе престанат да важат владините одлуки за замрзнување на цените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот