Усвоен ребалансот на буџетот на Општина Битола

И покрај тоа што денешната седница на Советот на Општина Битола почна во тензична атмосфера и мошне тешки обвинувања за трошењето на општинските пари од страна на претседателката на Советот Габриела Илиевска, сепак ребалансот на буџетот беше усвоен.

За него гласаа 25 советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тројцата советници на независната листа „Поинаку” беа воздржани, додека советниците на Левица гласаа против.

Усвојувањето на ребалансот на буџетот го поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој по седницата на Советот во неговата изјава нагласи:

-Благодарност до советниците коишто покажаа конструктивност.

Општина Битола продолжува со реализација на капитални инвестиции и други инфраструктурни проекти. Чест ми е, што мнозинството во Советот даде поддршка на ребалансот на буџетот, давајќи можност зацртаните проекти да продолжат да се реализираат, како и да се започне со подготовка на нови проекти кои се во контекст на визијата на локалната самоуправа за напредок на Битола. Советниците кои го сакаат својот град, недвосмислено одлучија дека Битола заслужува планираните инвестиции да бидат реализирани-истакна Коњановски.

Тој искажа благодарност и до советниците кои не гласаа за предложениот ребаланс на буџетот.

 -Сакам да изразам благодарност и до советниците кои не гласаа за предложениот ребаланс на буџетот, кои и покрај извесниот скептицизам, покажаа доверба во мојата работа и работата на општинската администрација. Со должна почит и одговорност кон сите граѓани на Битола, цврсто стојам зад сите проекти од општинските програми и понатаму продолжуваме заедно со моите соработници да работиме во насока на обезбедување подобра инфраструктура, образование, спортски и културен просперитет на Битола- истакна битолскиот градоначалник Коњановски.

Инаку, со ребалансот на буџетот се предвидува поголемо динамизирање на активностите од областа на инфраструктурата и повеќе средства за културата, спортот и образованието во Битола.

Текст и фото: Васка М.Младеновска  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот