Усвоен е мандатот за преговори на ЕУ со Велика Британија

Мандатот и овозможува на Европската Комисија да ги води преговорите под палката на Барние.

Министрите за надворешни работи го усвоија мандатот за преговори со Обединетото Кралство за идното партнерство помеѓу двата блока. Преговорите и натаму ќе ги води Мишел Барние.

– Советот усвои јасен и силен мандат за нашиот преговарач, Мишел Барние, ова ја потврдува нашата подготвеност да понудиме амбициозно, опширно и балансирано партнерство за Обединетото Кралство со бенефити за двете страни. ЕУ е сега подготвена да ги започне преговорите, соопштија министрите за надворешни работи.

Мандатот и овозможува на Европската Комисија да ги води преговорите под палката на Барние.

ЕК ја поздрави министерската одлука преку претседателката Урсула фон дер Лајен.

– Сакаме да изградиме блиско, амбициозно идно партнерство, ова е од интерес на граѓаните од двете страни, изјави таа и се заблагодари за довербата на Советот и на Европскиот Парламент.

Европската Унија сака да воспостави фер услови за конкуренција помеѓу двете страни, кои нема да ги загрозат европските стандарди во делот на здравството, животната средина, социјалните права и економијата, а истовремено ќе овозможи интензивна билатерална трговија, со нула царини и квоти врз добрата.

Една од најчувствителните точки за двете страни е риболовот. Европската Унија смета дека е неопходно идното партнерство да овозможи реципрочен пристап до водите и стабилна пропорција на квоти. Договорот за риболовот треба да биде етаблиран до први јули оваа година, сметаат министрите на ЕУ.

Двете страни ќе треба да преговараат и за низа други области како дигиталната економија, безбедноста, споделувањето информации, надворешната политика, одбраната, судството, полициската соработка.

Обединетото Кралство треба својот преговарачки мандат да го обелодени в четврток.

Европската Унија очекува овој мандат да биде во согласност со договорените принципи во претходната спогодба за Брегзит.

Преговорите би требало да започнат во март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот