Уставносудска измама и крајот на иднината

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Судот не само што не утврдил дека постапката била прекршена, туку одлуката за укинување на планот ја донел затоа што Општината не успеала да му достави доказ дека објавата за одлуката на веб-страницата траела 15 дена! А, бидејќи таков доказ физички не е возможно да се достави, секој урбанистички план во сите општини во Македоња е потенцијален предмет за укинување.

Веродостојноста, како и самиот концепт на вистината, се на ист начин како и убавината сосем непотребни од аспект на дарвинскиот опстанок на човечките заедници. Но, затоа, иако не го обезбедуваат голиот опстанок, тие му ја даваат и вредноста и смислата на опстанокот. Веродостојноста на институциите на државата пак, не само што и ја дава смислата на либералната демократија, туку и го обезбедува самото нејзино постоење. Поради тоа, нациите што ќе дозволат нивните институции да ја изгубат својата веродостојност, неодминливо упаѓаат во тешка егзистенцијална криза. Доколку недостатокот на веродостојност го заслужиле највисоките демократски институции – како што е тоа Уставниот суд на нашата вечно млада Македоња – толку ѝ е потешко на нацијата да си ја обезбеди сопствената иднина. Зашто, како што умно рекол Тејар де Шарден, иднината им припаѓа само на оние што на следната генерација ќе ѝ обезбедат основа за надеж.

Како што стојат работите, за жал, перформансот на нашиот Уставен суд од последните петнаесетина години буди само чувство на безнадеж и бесмисла. За голема среќа, следната генерација македонски граѓани не ги чита одлуките на Уставниот суд, а да ги чита – колективно ќе ѝ се придружеше на армијата несреќни мигранти што по балканската рута со голи раце ги кинат челичните завеси што европските земји ги подигнаа на нивниот пат.

 

Неодговорно и некомпетентно однесување

 

Зошто, наеднаш, олку тешки зборови на сметка на таа наша врвна уставноправна и демократска институција, ќе прашате? Причини има многу: тоа не е само огромниот број неуставни закони и законски одредби што ги донесе злосторничката власт на ВМРО во деценијата на „заробената држава“, а кои Уставниот суд одби да ги прогласи за неуставни или дури ја отфрли можноста воопшто да ги оценува. Не е само во прашање и срамното одбивање на Уставниот суд да ги оценува неуставните закони, прописи и урбанистички планови со коишто е изведена најодвратната атака на нашиот идентитет, достоинство и уставен поредок, со шифрирано име „проект Скопје 2014“.

Згора на сето набројано, Уставниот суд во меѓувреме „се разбуди“ по деценијата опортунистичка колаборација со режимот на ВМРО, и почна – на популистичкиот бран на антиурбанистичко и антиградителско расположение – со измама да укинува урбанистички планови во главниот град и по Републиката, оставајќи го просторот без планови – и без каква и да е иднина – правејќи општествена штета што досега никој не решил да ја пресметува.

Неодговорното и некомпетентно однесување на Уставниот суд безмалку не заслужува простор за докажување: судот ја отфрли иницијативата за оценка на вмровскиот закон за легализација на дивите градби, во кој не можеше да се најде ниту една одредба што не е спротивна на Уставот, што беше генератор на криминалот и неуставното однесување на органите на државната управа цели десет години.

Понатаму, судот ја отфрли и иницијативата за оценување на Програмата за подигање спомен-обележја на Општина Центар прогласувајќи се ненадлежен да ја оценува нејзината содржина – иако му е тоа примарната уставна улога затоа што програмата претставува општ правен акт – и со тоа го овозможи противуставното и криминалното подигање на спомениците од „Скопје 2014“. И, да завршам со самоволната одлука на судот да ја оценува само постапката но не и содржината на урбанистичките планови, со која го обесмисли и своето постоење.

Урбанистичките планови се општи правни акти, односно прописи за коишто во членот 110 од Уставот пишува дека „Уставниот суд (…) одлучува за согласноста на другите прописи (…) со Уставот и законите;“ а во членот 112 дека „Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт (…) ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или законите“. Колку право треба да знае човек за да му е јасно дека уставната одредба за одлучување за согласноста на прописите со Уставот и законите се однесува најмногу на согласноста на нивната содржина и на нивните одредби со Уставот и законите, а не само и единствено на постапката со кои се донесени?! За оценување на постапките никому не му е потребен Уставен суд – таа работа може да ја врши и обичен правник, референт или работник во писарница!

 

Нарушување на правниот поредок

 

Но, во поново време, по „ослободувањето“ од стегите на „заробената држава“, Уставниот суд почна – поттикнат веројатно од јавното мнение што молкум го  трпеше вмровското градителско беснеење повеќе од деценија, а сега „херојски“ му се противи на секое градење и на секој урбанистички план – да укинува цели урбанистички планови, оставајќи ги планските опфати без никаков плански документ, и тоа со итроманска финта која не само што не е уставна, туку нема никаква врска ни со правото, ниту со здравиот разум.

Имено, за сите урбанистички планови што се последниве години укинати, одлуката се темели на една и иста, несупстанцијална и беспредметна „фалинка“ во постапката. Во сите одлуки на судот стои дека „Во конкретниот случај, Советот на Општина (…), не достави доказ дека Одлуката што ја донел за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот со утврдениот обем на Стратегиската оцена, а која одлука била прифатена со Известување бр.(…) од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно наведените одредби од Законот за животната средина, била објавена на веб-страницата на Општината“.

Цитатот е бесмислен сам по себе, па веројатно и не ја забележавте суштината: во постапката не била загрозена животната средина, зашто одлуката била прифатена од Министерството за животна средина. Не била повредена ниту една постапка, а судот – разбира се – не утврдил каква било неусогласеност на одредбите на урбанистичкиот план со Уставот и законите. Уставниот суд го укинува целиот урбанистички план не затоа што утврдил дека општината не ја објавила предметната одлука, туку дека на судот „не му доставила доказ дека Одлуката (…) била објавена на веб-страницата на Општината“.

И, тука е апсурдот на оваа уставносудска измама, почитувани читатели, бидејќи судот не само што не утврдил дека постапката била прекршена, туку одлуката за укинување на планот ја донел затоа што Општината не успеала да му достави доказ дека објавата за одлуката на веб-страницата траела 15 дена! А, бидејќи таков доказ физички не е возможно да се достави, зашто ниту една општина нема електронски записи на целото време од пред десет години до денес (всушност, тоа е доказ што никој не може да му го достави на судот!), секој урбанистички план во сите општини во Македоња се потенцијален предмет за укинување, на иницијатива на итроманите што уништуваат цели планови веројатно уверени во илузијата дека не се штеточини, туку борци за подобра животна средина!

Се разбира дека овие одлуки на Уставниот суд не се итроманска финта, ниту пак се само уставносудска измама. Тие се тешко нарушување на правниот поредок, уништување и на последните откршоци од непостоечкиот легитимитет и веродостојност на судот, што произведуваат огромна општествена штета (која не произлегува само од уништените две скапи и долги процедури за изработување и донесување за секој укинат план).

И, конечно, овие неодговорни одлуки претставуваат устоличување на просторното беззаконие како норма, односно уништување на правната сигурност на имотите на граѓаните, а најмногу од сѐ – убивање на самото планирање на иднината и, се разбира, надежта што таа ја овозможува.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот