Уставниот суд се „ситни“, од денеска работи само со шест судии

Седница на Уставен суд / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Уставниот суд соопшти дека од денеска работи со шест од предвидени девет судии поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.

Маркудова ги заврши нејзините работни обврски со присуството на седницата што се одржа во средата на 7 декември. Како што соопштија од Судот, последна иницијатива по којшто Маркудова работеше и ја реферираше на седницата е за Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица и по овој предмет Уставниот суд поведе постапка, односно изрази сомнеж во уставноста на членот 22 кој им овозможува на разрешените функционери или оние кои сами си дале оставка да земаат плата (апанажа) и по завршувањето на мандатот.

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска ѝ се заблагодари на Маркудова затоа што дала пример што значи да се биде професионален судија без дамка и афера во правосудната кариера.

Вангелина Маркудова работи активно во правосудството од 1984 година, почнувајќи како приправник и стручен соработник во општинскиот суд Гевгелија во кој во 1986 година е избрана за судија. Во 1996 година е избрана за судија во Основниот Суд Скопје I во којшто од 2007 до 2013 постапува во одделението за организиран криминал и корупција. На 21 ноември 2013 година е избрана за уставна судијка како предлог на Судскиот совет, нејзиниот мандат почнува да тече од 7 декември 2013 и заврши на 7 декември 2022 година.

Маркудова како уставна судијка во својот деветгодишен мандат работеше на 256 предмети како судија-известител.

Во меѓувреме, не се знае кога ќе продолжи со работа собраниската Комисија за избори и именувања за предлогот државниот обвинител Љубомир Јовески да биде избран за нов уставен судија и кога на нова седница ќе има нов предлог за судија ниту, пак, кога Судскиот совет ќе излезе со свој предлог за уставен судија. Јасно е само дека до крајот на годината Уставен не ќе може да се комплетира.

Уставен суд пред една недела повторно апелираше и до Собранието и до Судскиот совет да се изберат тројца уставни судии. На местото на Маркудова предлог за нов уставен судија треба да дојде од страна на Судскиот совет, односно тој да биде избран од редот на судиите. Во Собранието останува заглавен изборот на Јовески, а постапката за избор на уште еден судија не е ни почната.

Претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска, тогаш за „Слободен печат“ изјави дека продолжението на седницата ќе биде по завршувањето на комисиската расправа за буџетот, но не одговори зошто по изборот на двајцата судии, на 31 октомври, ниту еднаш не заседаваше Комисијата за изборот на Јовески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот