Уставни судии во борба за неказнивост на функционери криминалци!?

Уставните судии вчера ја разгледуваа иницијативата преиспитување на членот 353 од Кривичниот законик, што се однесува на застарување на предметите и за намалување на казните за случаи поврзани со злоупотреба на службена должност и овластување.

Иницијативата за оценување на уставноста на членот што се однесува на злоупотребата на службената положба ја поднесе адвокатот Еленко Миланов, кој брани неколку поранешни функционери од владата на Никола Груевски (вклучувајќи го и него) во случаи што ги водеше СЈО. Уставните судии Јован Јосифовски, Никола Ивановски, Осман Кадриу и Елена Гошева застанале во одбраната на иницијативата за испитување на уставноста на членот од Кривичниот законик за злоупотреба на службената положба и овластување, кога се во прашање постапките за тендери.

Ваквиот потег на уставните судии воопшто не им се допадна на правните и на политичките експерти, кои тврдат дека Уставниот суд нема надлежност да расправа за казни предвидени со Кривичниот законик. Експертите предупредуваат дека ако се усвои иницијативата, тоа ќе значи дека македонскиот народ ќе продолжи да живее во едно правно нестабилно време.

Исклучување на одговорноста

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, вели дека целата работа се врти околу вмешување на Уставниот суд во политиката.

– Уставниот суд може да разгледува секакви иницијативи, но тој првично е орган што ја штити уставноста и законитоста, а тоа значи дека тој не може да проценува дали казните се мали или големи. Јас конкретно мислам дека целата работа овде се врти околу вмешување на Уставниот суд во политиката. Сметам дека има некаква намера кај дел од судиите да се најде заштита, поблага казна или застарување на делата што ги извршиле некои функционери од поранешната или од сегашната власт. Целта на оваа иницијатива според мене е целосно исклучување на одговорноста за извршениот криминал – вели Ивановски.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, порачува дека нема спас за македонското правосудство ако евентуално се прифати иницијативата за застарување на вакви дела. Тој објаснува дека Уставниот суд ја оценува уставноста и законитоста на законите кои се носат во нашата земја, а нема ингеренции да оценува казни предвидени со Кривичниот законик.

– Уставниот суд не смее да изигрува улога на законодавец, бидејќи само законодавецот може да го менува Кривичниот законик. Јас сум изненаден зошто Уставниот суд расправа за високи казни наместо за ниски. Од ова може да видиме која е клучната намера на иницијативата за оценка на уставноста на одредени кривични дела. Ако казната за едно кривично дело се намали, тогаш рокот на застареност автоматски ќе биде помал. Ако сето тоа се случи, тогаш ние ќе живееме во едно правно нестабилно време, а правната безбедност на граѓаните е една од најважните работи – објаснува Илиев.

Тој вели дека ако сепак се усвои иницијативата, тогаш многу лесно ќе видиме кому таа најмногу му одговарала.

– Ќе видиме кои кривични дела ќе застарат, а нормално, за тоа никој нема да сноси одговорност, па дури некој може да биде награден. Сè ќе излезе на виделина, па граѓаните ќе можат да оценат кој и како постапувал – вели Илиев.

Јавна манипулација

И поранешниот пратеник Павле Богоевски јавно укажува дека во Уставен суд се спроведува скриена амнестија или јавна манипулација.

– Оваа иницијатива не смее да помине. Вистина е дека ЕУ имаше забелешки на овој член, но тоа беше поради начинот на кој се користеше во времето на претходната Влада. Тогаш, експремиерот Никола Груевски го зголеми прагот од четири на пет години за да може своите неистомисленици да ги става директно во затвор. Имено, ако некое лице е осудено на казна затвор од четири години, таа казна може да биде ублажена на две години. Доколку делото е ненасилно, тогаш таа казна од две години може да биде заменета со условна осуда и сторителот може да не помине ниту еден ден зад решетки. Ако минимумот е пет години, тогаш сторителот не може да го избегне издржувањето затвор. Но, клучната разлика е што во времето на Груевски немаше опасност од застареност на постапките, бидејќи тие завршуваа практично преку ноќ, особено ако беа против некој функционер кој ѝ откажал послушност на Фамилијата. Наречете ме строг, но јас не се согласувам со забелешките на ЕУ. Мислам дека ако некој функционер ја злоупотреби својата положба, тогаш треба да биде сигурен оти нема шанси да се извлече без ниту еден ден во затвор. Впрочем, тоа е и следниот аргумент. Со членот 353 не страдаат обични луѓе, туку функционери – објаснува Богоевски.

Тимоние: Франција го поддржува Уставниот суд

Правната држава има клучна улога во интегративниот процес на земјата во ЕУ, порача францускиот амбасадор Кристијан Тимоние по средбата со претседателот на Уставен суд, Сали Мурати.

– Франција ќе го поддржи Уставниот суд да може што подобро да се вклопи како во политичкиот живот, така и во самото општество на Северна Македонија. Остануваме заедно со вас, ве поддржуваме во вашите настојувања да го вкорените системот на правната држава и да можете да си ги обезбедите сите средства за што подобро функционирање – изјави Тимоние.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот