Уставни промени

Од најмал, можеби и од моето прво излегување надвор, во град, ме фасцинирале и природата и богатствата трајно создадени од луѓето. Уживам да ги гледам и да контемплирам за вистината и љубовта на Создателот која некаде знае да бликне во вистинскиот сјај, некогаш толку силно за да ме остави без здив и никаква мисла во главата, во состојба на целосна просветленост.

И, не ми е битно кој и каков е Создателот, дали е тоа централен компјутер или некој дедо со бела брада, или, пак, нешто што не може ниту да се восприеми. Битно ми е само да трагам по таквите искуства, како некој пес што го залажале со дрога, па сега се радува и кога ќе ја најде по аеродромските куфери.

Такви искуства редовно сум имал и во Охрид, но и во Струга, на Галичица, во Горна Белица, Трпејца… И достапни ми биле во овој живот што го живеам, баш на ова парче земја, и сум ги уживал секогаш кога сум посакал, зашто ене ги, на дофат ни се. И наши се, Јас тоа така го доживував, а така го доживуваат и сите што ги познавам, сите ја имаат истата емпатија кон Охридско и сите ги боли ова што се случува.

Геноцид на флората и фауната во Охридско

А, се случува убиство, геноцид на флората и фауната, на пастрмката што е единствена во свет, на езерото што според УНЕСКО е еден од природните могули; се случува убиство на идентитетот што сме го наследиле и не знаеме да го чуваме. Се одобрува инфилтрација на страни тела,  дивоградби, вистинска нихилистичка атака врз древното и вредното, и тоа пред очите на оние што треба да го спречат, кои моќта и силата ја црпат и од позициите и од менталната кич-ситуација што им цути во главите, небаре се војска која на која ѝ го земале оружјето, па сега ѝ е страв и камен да фрли, а не знае прописно ни да се сокрие.

Грозоморно убиство сепак нема да помине неказнето, бидејќи законот на кармата вели: што си правел, тоа ќе ти се врати.  Јас би додал дека и дури и да не правиш ништо кон подобрување, но барем самиот да си буден и да не го правиш оној геноцид – е сепак правење нешто.

Најверојатно поради тој факт чувствувам потреба да направам нешто, впрочем како и сите вие кои не ни можете, ниту знаете соодветно да реагирате на агресија, па ви се чини дека нема излез и веќе ја прежалувате жртвата која пред очи многукратно ви ја силуваат, за на крај апатично да се обидувате со црн хумор по социјални мрежи да ја ублажите болката во градите. Можам да ви кажам само едно: верувам во фактот дека излез секогаш има и проблемот е во нашата свест, сѐ до оној момент кога ќе ви се привиди некакво решение. Од тој момент, тој престанува да биде проблем и е само помош на решението кое сте решиле да го спроведете.

Еквадорското искуство

Решенија, всушност, и има многу, но јас сакам работите радикално да ги сменам и мене највеќе ми се допаѓа ова комитско-партизансково, по принципот укради-му-ја-пушката-на-душманот-па-со-неа-удри-по-него, истото она решение што го има направено државата Еквадор, а тоа се УСТАВНИ ПРОМЕНИ.

Примерот на Еквадор е во тоа што тие ја ставија природата во Устав. Новиот устав на земјата има член: „Права на Природата“. И наместо да ја третираат Мајката Природа како имот заштитен со закон, членот за „Правото на Природата“ гарантира дека таа во сите свои форми има право да постои, истрајува, да се одржува и да ги регенерира своите животни циклуси. А ние, луѓето, имаме уставна обврска да ги спроведуваме тие права. Државата Еквадор ја усвои промената на Уставот, а таа беше ратификувана од народот со референдум во септември 2008 г.

Патем, уставните измени тие луѓе таму ги направија поради интернационалните корпорации кои, на мафијашки начин, користејќи ги лошо поставените закони и искорумпираните локални самоуправи, безмилосно ги експлоатираа и уништуваа џунглите за свој профит, а всушност го загрозуваа изворот и притоките на Бисерот на двете Америки, најголемата река, белиот дроб на планетава, Амазон.

Ова е начин многу сличен на каков што впрочем се уништува и Охрид, но и целиот регион, сосе белвицата и чинарот, водите во Гевгелиско, почвата во Велес, почвата и водите и воздухот во Скопје, Тетово и Битола.

На ова индијанско искуство, јас и една цела екипа на партиски и непартиски стручњаци од сите опфатени области, само би го додал и културно-историското наследство како уште еден аспект во уставните промени, заедно со концептот на Еквадорците за природата директно во Устав. Па и во случај да ни недостасува некој, верувам дека експерти од сиот свет би работеле и беспари за ваква идеја. Потоа работата може да си врви и сама, ако има поддршка од сите вас што ја сакате оваа земја, каде и да сте и кои и да сте. Потребна е само една одлука што ќе ја донесете сами за себе. Ние сме земја која, иако е млада, има огромно искуство во правење измени во Устав, и тоа не би требало да ни падне воопшто тешко, а ваков референдум не верувам дека некој ќе бојкотира.

Па затоа, под мотото „Просветление за сите Битија”, ве повикувам браќа Македонци, Албанци, Турци, Власи, Бошњаци, Срби и Роми да направиме еднаш уставни промени за сите нас, за охридската пастрмка, за ова парче земја, за овие наследени богатства и за оваа природа.

Ајде, омразата да ја претвориме во љубов и целата онаа енергија која ја користиме да се хејтаме, да ја претвориме во нешто коструктивно, нешто што е добро за сите. Ајде да влеземе во лигата на шампиони во културниот натпревар помеѓу народите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот