Уставен суд се пофали дека ги чистеле клупите, но не се знае кога

Фото: Слободен печат/ Д. Митровски

Во прилог на реакцијата од Судот испратија и фотографии на кои се гледаат лица од Комунална како ги чистат клупите и пристапниот влез до институцијата. Не е посочено од кога точно се фотографиите, но од нив може да се заклучи дека станува збор за летен период.

По објавата на „Слободен печат“ на фотографиите од пред Уставниот суд на кои се гледа дека пристапниот влез на оваа институција и урбаната опрема се во катастрофална состојба, односно извалкани од птичји измет, реакција пристигна од Судот.

Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:

„Почитувани,

од Ваша страна, е објавен текст „Уставниот суд треба да се засрами од овие фотографии”.

Меѓу другото, во текстот е наведено дека од Ваша страна е побаран став и од Уставниот суд, но дека немате добиено никаков одговор.

Од ова не може точно да се заклучи од кого во Судот е побарано да се изјасни во врска со ова прашање, со оглед дека ниту од претседателот на Судот или генералниот секретар на Судот не е побарано такво нешто, ниту пак преку службениот мејл за контакт ([email protected]) е пристигнато прашање во врска со објавениот текст.

Понатаму, Ве известувам дека од страна на Судот редовно се чисти самиот влез, вклучувајќи ја и пристапната патека. Во однос на оштетениот влез, во тек сме на преговори за негово чистење од нанесената боја.

Од наша страна, неколку пати е побарано од надлежното јавно претпријатие за одржување на комунална хигиена да биде исчистен околниот простор за што во прилог Ви доставуваме и слики од нивни ангажирани вработени за чистење на околниот простор кое беше направено неодамна.

Што се однесува на фотографиите со клупите, Ви укажувам дека тоа е јавен простор и дека нивното чистење е обврска на надлежните јавни комунални претпријатија“, се вели во реакцијата потпишана од .Александар Лазов, Генерален секретар на Уставниот суд.

Во прилог на реакцијата од Судот испратија и фотографии на кои се гледаат лица од Комунална како ги чистат клупите и пристапниот влез до институцијата. Не е посочено од кога точно се фотографиите, но од нив може да се заклучи дека станува збор за летен период.

Од Уставниот суд во реакцијата посочуваат дека не им е јасно каде бил побаран одговор од наша страна на прашањето кој се грижи за хигиената пред Судот, па оттука како редакција би сакале да му појасниме на г-динот Лазов. Новинарката на „Слободен печат“, Елизабета Спасеновска Дамјаноска, во обид да добие одговор на своите прашања, прво се јави на фиксниот телефон на Судот 3165-153. Оттаму и одговорија дека не се надлежни да и дадат одговор и ја препратија на друг телефонски број, 3230-944, каде што и рекоа да се јави на друг број, всушност на првиот на кој вртеше колешката. Женскиот глас од другата страна на слушалката и одговори: Зошто ми се јавувате пак, нели ве препратив на другиот број?“, на што колешката Елизабета и објасни дека оттаму ја вратиле пак на почеток. По ова, женскиот глас и рече да испрати прашања на мејл кои ќе и бидат одговорени во законскиот рок. Новинарката ја праша дали тоа може да биде побрзо, но одговорот беше ист, во законскиот рок. По ова новинарката ја праша дали тоа може да потрае неколку дена, по што доби одговор „Е па колку е, толку е“. Поради ваквиот одговор, новинарката одлучи да не испрати мејл.

Како што објави „Слободен печат“ вчера, во обид да дознаеме зошто никој не води грижа за јавната урбана опрема и пристапните патеки се обративме до ЈП „Комунална хигиена“ од каде што ни одговорија дека не се во нивна надлежност, иако од Уставниот суд во својата реакција тврдат дека јавниот простор пред Судот и чистењето на клупите е обврска на надлежните јавни комунални претпријатија.

– Ние имаме должност да ги чистиме само јавните површини. Во опсегот на нашето работење се Малиот и Големиот ринг, тротоарите на мостовите, плоштадот, булеварите и пешачките патеки. Урбаната опрема и пристапната патека не е јавна површина, што значи дека не е во наша надлежност – ни одговори вчера портпаролката на ЈП Комунална хигиена, Ана Марија Бранѓолица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот