24.8 C
Скопје

Успорената демографија нема да ја сопре Кина

Старата поговорка дека „демографијата е судбина“ повеќе не е толку важечка како што беше некогаш

„Кина попрво ќе остари, пред да стане богата“, е една од оние работи што луѓето сакаат да ги кажуваат на конференции – обично проследена со драматична пауза. Импликацијата е дека зголемувањето на Кина до глобална доминација наскоро ќе ја погоди огромната бариера: демографијата.

Ниската стапка на плодност во Кина значи дека нејзиното население ќе се намали и ќе старее во текот на следните децении. Минатата недела „Фајненшел тајмс“ објави дека населението во Кина веќе започнало да опаѓа – неколку години порано отколку што предвидуваше Организацијата на Обединетите нации (ООН).

Голема, растечка и млада популација го поттикна подемот на народите во поголемиот дел од историјата на човештвото. На големите сили им беа потребни борци за да се позиционираат на бојно поле, а граѓаните да се оданочуваат. На освојувањата на Наполеон им претходеше „бум“ на населението во Франција во 18 век. До 20 век, населението на Франција заостануваше зад она на Германија и на Велика Британија; извор на оправдана вознемиреност за француската елита.

Никогаш побогати од Американците

Но, намалувањето и стареењето на популацијата може да ги нема истите мрачни импликации во 21 век. Тешко е дека борбите за голема моќ во иднина ќе бидат решени со огромни копнени битки. Во неодамнешната војна меѓу Азербејџан и Ерменија, беспилотните летала играа клучна улога на бојното поле. Неодамнешниот стратегиски преглед на Велика Британија спроведе намалување на армијата, додека се инвестираше многу во технологијата.

Ако технолошката моќ, наместо ордите на млади мажи, е клучот за идната моќ, тогаш Кина е добро поставена. Земјата има врвни можности во области како што се роботиката и вештачката интелигенција. Со население од 1,4 милијарди луѓе – што веројатно благо ќе се намали до средината на векот – на Кина нема да ѝ недостасува работна сила. Токму структурата, а не големината на населението во Кина ќе биде вистински предизвик. До 2040 година, околу 30 проценти од земјата ќе биде над 60 години старост. Повеќе стари лица ќе треба да бидат поддржани од помала популација на работоспособна возраст, забавувајќи го економскиот раст.

Кина никогаш нема да може да ги постигне нивоата на богатство по глава на жител како оние во САД. Но, дури и ако просечниот Кинез е само половина побогат од просечниот Американец, кинеската економија сепак лесно би ја надминала Америка во вкупната големина.

Остарена демографија

Кина наскоро ќе ја изгуби титулата како најнаселена светска нација. Населението во Индија и Кина е приближно исто. Но, до крајот на векот, проекциите на ООН сугерираат дека населението во Индија ќе биде 1,5 милијарди, во споредба со една милијарда луѓе во Кина. (Некои други академски студии го ставаат населението на Кина во 2100 година под 800 милиони). Но, индиската економија е само петтина од големината на кинеската. Значи, јазот меѓу богатството и моќта меѓу двете земји нема да се затвори брзо.

Падот на населението во Кина се забрза со нејзината политика за едно дете во секое семејство, напуштена во 2015 година. Но, кинеските демографски трендови се прилично типични за Источна Азија. Јапонското население го достигна својот врв на 128,5 милиони во 2010 година и сега паѓа. ООН предвидува населението на Јапонија да биде само 75 милиони до крајот на векот. Трендовите во Јужна Кореја се слични.

Намалувањето и стареењето на населението се случува и во делови од Европа. Населението во Италија веќе започна да опаѓа. Дури и САД забавуваат. Последниот попис покажува дека населението во Америка сега е 331,5 милиони – но расте со најниска стапка од 1930-тите. Демографите претпоставуваат дека Америка, како и Европа и Источна Азија, наскоро ќе имаат проблем да се справат со стареењето на населението.

Демографијата и политиката

Генерално, светската популација се очекува да продолжи да расте од 7,8 милијарди луѓе денес, на околу 11 милијарди до 2100 година – со најголем раст во Африка и Јужна Азија. Населението во Африка ќе се зголеми двојно од сега до 2050 година.

По силата на бројките, земјите како Нигерија и Пакистан ќе добијат глобално влијание. Но, тие, исто така, веројатно ќе останат релативно сиромашни и политички нестабилни – со климатските промени што ќе ги влошуваат изгледите за голем дел од Субсахарска Африка. Некои од најбрзите порасти на населението се одвиваат во веќе пропаднати држави, како Демократска Република Конго и Нигер.

Демографијата ќе продолжи да ја обликува светската политика, како и секогаш. Но, историската врска помеѓу растечката и младата популација и зголемената национална моќ отстапува пред нешто покомплексно. Најзначајната поделба сега може да биде помеѓу богатите и земјите со среден приход – каде што популацијата е статична или опаѓа –  и посиромашните земји, каде што популацијата брзо се шири.

Миграцијата – проблем или решение?

Оставена неконтролирано, природната корективна тенденција би била масовна миграција од глобалниот Југ кон Европа, Северна Америка и Источна Азија. Но, Источноазијците, во моментов, се многу помалку отворени за имиграција отколку Западот. И покрај тоа што населението на Јапонија би можело да се преполови до 2100 година, Јапонците инсистираат на социјалната хомогеност пред можноста од масовна миграција. Кина, која има етнички засновано гледиште за државјанството, веројатно ќе направи сличен избор.

Спротивно на тоа – и покрај сегашните политички редици за имиграција во САД и ЕУ – Запад веројатно ќе остане релативно отворен за мигрантите. Како резултат на тоа, западните општества ќе добијат економска динамика. Но, тие исто така може да ја изгубат политичката стабилност – бидејќи реакциите против имиграцијата помогнаа да се поттикне подемот на политичарите каков што е Доналд Трамп.

Големото прашање на геополитиката нема да биде кој има поголемо население – туку дали Кина или Западот го направија вистинското решение во врска со масовната миграција.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (01-02 мај 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Пониски бројки, подолги подготовки за објавување

Кина е подготвена да го објави својот прв пад на населението, по масовната глад ​​што се случи со „Големиот скок напред“, катастрофалната економска политика на Мао Це Тунг кон крајот на 1950-тите, што предизвика смрт на десетици милиони луѓе. Денешниот пад на популацијата се јавува и покрај релаксирањето на строгите политики за планирање на семејството, што требаше да го смени падот на наталитетот во најнаселената земја во светот.

По последниот кинески попис, кој беше завршен во декември минатата година, но допрва треба да биде објавен, се очекува вкупниот број на население во земјата да биде помалку од 1.4 милијарди луѓе, според оние кои располагаат со податоците од истражувањето. Во 2019 година, за населението во Кина беше објавено дека ја надминало границата од 1.4 милијарди.

Сепак, упатените предупредуваа дека бројката се смета за многу чувствителна и нема да биде објавена сè додека повеќе владини оддели не постигнат консензус за податоците и нивните импликации.

„Резултатите од пописот ќе имаат огромно влијание врз тоа како кинескиот народ ја гледа својата земја и како работат различни владини сектори“, вели Хуанг Вензенг, соработник во Центарот за Кина и за глобализацијата, институт со седиште во Пекинг. „Со нив треба да се постапува многу внимателно“.

Владата требаше да го објави пописот на почетокот на април. Лиу Аихуа, портпарол на Националното биро за статистика, на 16 април рече дека доцнењето делумно се должи на потребата од „поголема подготовка“ пред официјалното соопштение. Ваквото доцнење е предмет на голема критика по социјалните мрежи.

Преземено од ФТ

 

Поврзани вести

Лукаревска: Наша единствена алтернатива е ЕУ

Слободен печат

Пукотница во Старата скопска чаршија

Слободен печат

Филипче од Штип: Покажавме дека за нас зборот е збор, го имаме најдоброто за секоја општина

Слободен печат

Ексцентричен тајкун, креатор на најпознатата антивирусна програма, пронајден мртов неколку часа по одлуката за екстрадиција

Слободен печат

Заев тврди дека не разговарал со Ахмети за промена на знамето, грбот и химната

Слободен печат

Заев за новите проекти: Се воведува еколошка такса, ќе се инвестира во обновливи извори

Слободен печат

Остави Коментар