Успешниот почеток ветува успешен попис

Попис во домаќинство во Ѓорче Петров/ Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

По успешниот почеток, вчера претпладне на вториот ден се случи краток прекин на пописот на населението и домаќинствата, односно околу 11 часот попишувачите го известиле Државниот завод за статистика дека не можат да ја поврзат апликацијата за попишување на интернет за да ги внесуваат податоците од попишаните граѓани. Според директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски проблемот е надминат по неколку часа и операцијата продолжила успешно.  

– Јас не сум стручен за да одговорам што точно беше техничкиот проблем, ќе имаме заедничко соопштение со Телеком. Важно е дека брзо се надмина и пописот успешно продолжи – изјави вчера кусо Симовски за „Слободен печат“.

МВР ќе применува мерки за оние што ќе одбијат да се попишат

Завчера според ДЗС се попишани 94.975 лица, односно се опфатени 28.594 домаќинства и 37.544 станови. Коментирајќи ги овие бројки премиерот Зоран Заев вчераутро оцени дека пописот стартуваше исклучително успешно.

– Вчера се чуствував горд граѓанин во оваа наша земја, затоа што после 20 години со апелот на сите политички субјекти, на сите општественици, со професионалниот кадар на Статистика под раководство на директорот Апостол и заменикот- директорот, и пред сè нашите граѓани во педесетина региони исклучително успешно стартуваше пописот во нашата земја. Последниот податок покажува дека некаде околу 94.500 граѓани се попишале, што е исклучително успешно имајќи предвид дека е недела и дека е прв ден за попис. Сакам да им честитам на сите попишувачи, но најмногу на сите граѓани – рече Заев.

Според него, дури и за време на пандемија е возможно да се спроведе попис, а физичките дистанци се одржуваат доколку тоа е потребно.

– И навистина, првиот ден е исклучително охрабрување за успешен попис. Секако, имаме уште 24 дена до 30 септември, но сакам да се заблагодарам на сите кои успешно стартуваа, пред се на министерот за правда, на Заводот за статистика, но и на граѓаните и на попишувачите. Верувам дека податоцте ќе бидат сериозен идникатор за уште поуспешни севкупни политики на развој на нашата земја – изјави вчера Заев.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави мерки за граѓаните што одбиваат да се попишат.

– Секако дека ние, како МВР, работиме заедно со Државниот завод за статистика. Имаме наши претставници во штабот кој раководи со пописот, за сите граѓани коишто ќе одбијат да се попишат, сигурно е дека ќе се применат мерките и ќе има пријави. Меѓутоа, јас очекувам дека како што помина вчерашниот ден во една одлична атмосфера, атмосфера на граѓанска одговорност, дека и понатаму ќе продолжиме и пописот ќе заврши успешно – изјави Спасовски во Куманово.

Тој е задоволен од темпото со кое се спроведува попишувањето, а бројката од близу 100.000 попишани на првиот ден покажува дека граѓаните се длабоко свесни за одговорноста.

Спасовски ги повика граѓаните да се вклучат, да се попишат сите семејства, сите објекти, за да се добие реална слика и за потребите и за капацитетите со кои располага државата.

– Од вчера почна најголемата статистичка операција – пописот, дополнително е значајно што цели 20 години Република Северна Македонија не успеа да смогне сили, да најде начин да утврди методологија и да спроведе попис. Јас како член на оваа Влада, навистина сум горд што преку посветена работа, ангажман, преку визијата што значи да градите развој на општеството, просперитет кога имате за тоа податоци коишто се важни за да можете да го креирате напредокот на државата – рече Спасовски.

И владејачката ДУИ апелираше до граѓаните да се регистрираат сите.

– Покрај бројките што ќе ја покажат реалноста во земјата во етнички и граѓански состав, ќе покажеме пример и вредности и во регионот. Како граѓанска обврска треба да се почитува од сите, затоа, уште еднаш, ДУИ апелира оваа обврска да се исполни од сите граѓани. Во исто време, ДУИ бара сите граѓани од дијаспората што не ја исполниле оваа обврска да го направат тоа додека трае рокот – велат од ДУИ.

Левица повикува на бојкот

Дел од јавноста заговара бојкот на пописот со образложение дека методологијата на пребројување и на толкување на бројките нема да даде објективни резултати за тоа колку луѓе реално живеат во државата и каков е нивниот етничкот сооднос. Лидерот на опозициската партија  Левица Димитар Апасиев повторно ги повика граѓаните да ја бојкотираат операцијата и ги советува дека ДЗС не може да иницира казна за непопишување.

„Инсајдерска информација од попишувач на терен во ДЗС: „Здраво, бидејќи обичниот народ се плаши од казни, граѓаните треба да знаат дека ние имаме само адреси од Катастар, но не знаеме кој живее во куќите и становите се додека лицето самото не се идентификува. Па, како би можеле ние да казнуваме, кога немаме такви информации, а ниту овластувања!? Може да излезе кираџија или гостин, а не газдата на станот. Инаку, на првиот ден имавме константен недостиг и проблеми со апликацијата за попишување“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Директорот на ДЗС Симовски вчера потврди дека имало неколку случаи попишувачот да биде вратен од граѓаните кои рекле дека не сакаат да одговараат и да се попишуваат. Според Симовски не се работи за голема бројка и на тие места ќе одат повторно. Иако обврската за попис е задолжителна, директорот на ДЗС вели дека тие ќе ја решаваат ситуацијата со разговор и дека немаат намера да пишуваат пријави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот