Успехот на Седмата уметност се потпира на наслови: Колку е важен филмскиот наслов?

Фото: Unsplash

Седмата уметност континуирано еволуира и нејзината улога во оформувањето на човековото секојдневие зазема сè поголеми размери. Со тоа, дури и начинот на кој продуктот е „спакуван и именуван“ добива сè поголемо значење.

Колку често практикувате да погледнете трејлер или да го прочитате сижето на филмот пред да се одлучите да го пуштите, а колку често одлуката ја носите врз основа на самиот наслов на филмот? Второто е можеби поверојатно, затоа што…да бидеме искрени, пуканките бргу ги снемува од чинијата.

Но, дури и кога се одлучувате да одвоите време да истражите за што всушност станува збор, сигурно сте забележале дека насловот игра голема улога во тоа како му пристапувате на филмот, барем потсвесно.

Иако не треба да се суди книгата според нејзината корица, невозможно е да се игнорира фактот дека филмските наслови се можеби поважни отколку што сме свесни. Не само од уметнички, туку и маркетиншки аспект.

Кога веќе неколку минути скролате надолу на Нетфликс, вашиот поглед ќе се „залепи“ за насловот што на вашиот мозок му „звучи“ најпривлечно. Нешто како кога добра реклама на Фејсбук и Гугл ќе ве натера да кликнете и да го купите производот.

Добриот филмски наслов не само што ја отсликува суштината на филмот, туку и има задача да го привлече вниманието на гледачот, за што е потребно барем одредено ниво на познавање на човечката психа.

Да се смисли добар филмски наслов е „цела наука“

Седмата уметност континуирано еволуира и нејзината улога во оформувањето на човековото секојдневие зазема сè поголеми размери. Со тоа, дури и начинот на кој продуктот е „спакуван и именуван“ добива сè поголемо значење.

Филмската индустрија троши огромни суми секоја година со цел да произведе што е можно поголеми блокбастери. Знаејќи колку чини квалитетен филмски производ, големите продукциски куќи вложуваат во режисери, сценаристи и талентирани актерски екипи, а покрај тоа, тие не штедат ниту на самиот наслов на филмот.

Во денешно време се вложуваат големи суми во тимови на луѓе специјализирани за креирање на привлечни имиња за фирми, бизниси и производи. Секогаш постои и поефтината алтернатива, како што се безброј генератори на деловни имиња, но тогаш веднаш се забележува разликата. Исто е и со филмските наслови.

Во својата книга „15-минутен филмски метод“, во која се фокусира на основите на пишување филмско сценарио, Валас Ванг одвојува цел сегмент посветен на филмските наслови и нивната важност.

– Филмските наслови се првиот впечаток на публиката за тоа што се случува во сценариото. На секој филм му е потребен наслов. Тој може да го постави тонот на сценариото и да им даде на луѓето причина да го видат (или сосема да го избегнат). Добриот наслов навестува за што се работи во филмот и ве тера да посакате да го гледате. Кога не знаете што добивате, најверојатно нема ниту да се помачите да видите. – пишува Ванг, споредувајќи ги филмските наслови со ознаките на производите во супермаркетите.

– Замислете кутија што е целосно празна, означена на странски јазик или само етикетирана како „Работи“. Шансите да одвоите време да ја отворите се минимални, а истото важи и за филмски наслов. – вели тој.

Филмскиот сајт „Бадомејт“ нуди одличен пример на оваа тема и објаснува зошто филмскиот наслов „Само двапати живееш“ предизвикува љубопитност – причината лежи во парадоксалната игра со познатото мото „само еднаш се живее“ што гледачот веднаш посакува да ја разбере штом ќе ја чуе.

Крајната цел е да се пронајде вистинскиот наслов преку кој ќе се воспостави идентитет и стил што ќе ја отелотворува приказната во филмот.

Добар, лош и грд филмски наслов. Која е разликата?

Можеби наједноставен начин да се именува филм е да се искористи име на лик. Такви примери се „Форест Гамп“, „Телма и Луиз“, „Харолд и Мод“, „Роки“, итн. Но, доколку ликот во филмот не е веќе позната јавна личност, како „Ганди“, „Бронсон“  или „Черчил“, овие наслови имаат потенцијал да останат бесмислени и неинтересни. Тие иако кажуваат за кого станува збор во филмот, не откриваат за што станува збор, додека пак насловите кои го откриваат жанрот на филмот, како „Воините“ или „Гладијатор“, иако се едноставни, се најверојатно малку подобар избор.

Наслови што ја откриваат локацијата на која што се одвива дејството се исто така податни за публиката, па така, кога ќе прочитате „Титаник“, „Перл Харбор“ или „Казино“, вие веќе имате некаква идеја за тоа што ќе го гледате, особено ако локацијата има одредено значење на публиката. Дали филм едноставно насловен „Португалија“ би го привлекла вниманието со ист интензитет? Веројатно не.

Покрај самата локација, како наслов може да послужи и временската рамка. Такви се „2001: Одисеја во вселената“, „1941 година“, „Задутре“ или „1917“, затоа што слично како и претходните примери, и овие наслови навестуваат за што се работи во филмот.

Честопати ќе сретнете филмски наслови што ја опишуваат атмосферата на приказната, а некои пак користат иронија за да предизвикаат интерес кај публиката, како „Москва на Хадсон“. Некои едноставно ја сумираат самата приказна, како што се „Бегство од Њујорк“ или „Спасување на војникот Рајан“.

Долг и комплициран наслов не мора да значи и добар наслов. Некогаш е доволен и само еден збор што не открива ништо, како насловот на филмот „Тоа“. Што е „тоа“? Љубопитноста е веднаш разгорена.

Тарантино е еден од оние режисери кои зад себе оставаат редици одлични филмски наслови, како „Касапски кучиња“, „Неславни копилиња“, „Ефтини приказни“, „Омразената осумка“ и „Убиј го Бил“. Римата во оригиналниот наслов на англиски јазик е неодоливо привлечна.

Филмксиот сајт „Скрин краш“ објави листа од 50 најдобри филмски наслови, меѓу кои се најдоа и „Назад во иднината“,  „Булевар на самракот “, „Добар, Лош и Грд“, „Кошмар на улицата на брестовите“, „Портрет на дамата во огнот“, „Бунтовник без причина“, „Што да прави мртовец во Денвер“, „Вечниот сјај на беспрекорниот ум“, „Бог простува – јас не!“, „Змии во авионот“, „Умри машки“, „Друштвото на мртвите поети“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Сите бои на темнината“, „Блиски средби од третиот вид“.

Додека пак „Холивуд репортер“, како најлоши ги одвои: „Пфффт“, „Блекенштајн“, „Зардоз“, „Дедо Мраз со мускули“, „Англичанецот кој се искачил рид, а се симнал од планина“, „Вонг Фу, ти благодарам за сè! Џули Њумар“, „Операција Дамбо“, „Брат, каде ми е колата?“, „Купивме Зоолошка градина“, „Не“, итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот