Уште пирамиди ни фалат

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

На мостот, на кој претходната власт си замисли дека треба да има панорамско тркало, барем нешто се работи, па има надеж дека наскоро ќе се пушти во употреба. Сето друго на плоштадот и околу него стои како замрзната филмска слика. Ниту се урива, ниту се доградува.

Сѐ тече, сѐ се менува, само градскиот плоштад остана таков каков што беше кога од власта си заминаа оние што имаа намера Скопје да го преслечат во барок. Висат скелињата од недовршените објекти на хотелот и на репликата на некогашниот Офицерски дом, чиј рок за изградба истекува во 2023 година. Во Вардар уште „пловат“ трите галии, а постаментот од споменикот на Мајка Тереза си стои додека надлежните се натегаат кој е надлежен да го тргне. И спомениците се сите на број на плоштадот. Ништо не е мрднато. Ниту додадено ниту одземено.

Скопјани (со тешко срце) се навикнаа да го гледаат хаосот на плоштадот. Дел од нив сѐ уште се надеваат дека предизборните ветувања кога-тогаш ќе се реализираат. Странците, пак, кои го посетуваат главниот град, веројатно си мислат дека изградбата е во тек, таков момент начекале. Не знаат дека кај нас лесно се даваат ветувања, но реализацијата не оди со истиот чекор.

Еве, на пример, осум години трае изградбата на новиот пешачки мост што се протега над Вардар до Македонскиот народен театар, од кои последниве две, иако изгледа дека е готов, според надлежните сѐ уште е во завршна фаза (поврзување со постојните ѕидови на кејот). Лимените огради стојат на двете страни од влезот на мостот, претставувајќи грда слика во строгиот центар на градот. За среќа, неодамна градските власти конечно го ослободија кејот под мостот, па тој по долго време одново стана прооден за граѓаните, кои сега барем имаат некаква алтернатива кога од плоштадот ќе тргнат на прошетка кон Градскиот парк. Поточно, повеќе не мора да минуваат по тесната патека од двете страни заградена со тараби, едните од мостот, а другите од незавршениот Офицерски дом.

На мостот, на кој претходната власт си замисли дека треба да има панорамско тркало, поради што и почна да се гради, барем нешто се работи, па има надеж дека наскоро ќе се пушти во употреба. Сето друго на плоштадот и околу него, стои како замрзната филмска слика. Ниту се урива, ниту се доградува.

Постаментот на споменикот на Мајка Тереза еве две години само што не го срушиле. Малку фали. Првиот човек на Скопје, Петре Шилегов вели дека одговорноста била на Општина Центар и на Министерството за култура и дека требало најпрво да се поништи маркичката за постаментот или да се утврди отклонувањето параметри што се дадени во ДУП. За негов вкус, како што рече, тоа трае долго, но ете постоел општ консензус кога е во прашање овој споменик, бидејќи е на улица која има пристап до плоштадот. И за вкусот на граѓаните предолго трае…

И со галиите работата тешко оди. Де ќе се тргаа две од трите, де една, но сѐ уште трите си стојат во Вардар. Едрата им се искинаа од пловење. Минатата година беше најавено дека ќе се раскине договорот со закупувачите на галиите кај МЕПСО и кај „Холидеј ин“ и дека ќе се тргнат од реката. На почетокот на април Шилегов најави дека се исполнети сите услови галијата „Сидро“ да се отстрани од Вардар и екипите на „Улици и патишта“ се фатија за работа. Но, уште непочнато, уривањето запре зашто сопственикот поднел жалба. Сега работата е привремено стопирана. До кога, ќе видиме.

Се ближат новите избори. Сега сите сме во очекување на највпечатливиот „удар“ на актуелните градоначалници. Особено на оние што се директно надлежни за градскиот плоштад и за неговата околина. Секој во својот домен. Шилегов вели дека градоначалниците не се фараони, па да градат пирамиди во своето владеење, туку градоначалници избрани да раководат со градот. Затоа од нив не требало да се очекуваат капитални проекти, тоа било фараонско размислување. Скраја да е, немојте пирамиди! Уште тие ни фалат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот