Уште едно две-три згради и Скопје радост ти ќе бидеш

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Навистина не го разбирам мотивот на претставниците на градската власт, да учествуваат на натпревар за кој не се квалификувани за настап. Како на избор за најубава жена, да сме прателе машко или на Европското првенство во фудбал да настапевме со одбојкарската репрезентација

Скопје испадна од трката за „Зелена престолнина на Европа“, објавија медиумите, а жителите зачудено запрашаа како е воопшто можно градот да бил кандидиран за ова натпреварување.

Главниот град на Македонија не влезе во финалето на европските метрополи, кои можат да се пофалат со голем број паркови, дрвореди и посадено зеленило во градските квартови. Или поедноставено речено, градот во кој зеленилото се мери со неколку стотици квадратни метри, конкурирал за натпревар во друштво на градови, чии паркови се мерат во хектари.

Значи, Скопје може да конкурира за наградата „најурбан“ град или град што во последните 50 или 100 години освоил најмногу територија. Веројатно никој нема да се изненади доколку некој од градската самоуправа се реши да го номинира Скопје на конкурс за „градови каде што е најлесно се вади градежна дозвола“ или за град во кој е возможно да се исечат десетици дрвја во паркови за да се изгради станбен објект, хотел или да се наредат споменици.

Навистина не го разбирам мотивот на претставниците на градската власт да учествуваат на натпревар за кој не се квалификувани за настап. Како на избор за најубава жена, да сме прателе машко или на Европското првенство во фудбал да настапевме со одбојкарската репрезентација. Тотално без врска.

Градот во кој најголемиот парк беше десеткуван со згради и други објекти и во чиј единствен зелен појас во центарот, во паркот „Жена борец“, беа сечени дрвја за да се постави „кичерај“ од типот Прометеј со гаќи, по логиката на нештата не може да биде предложен за „Зелена престолнина на Европа“. Може да се додаде и дека планината Водно речиси до половината е урбанизирана, а во моментов наголемо се гради и на Скопска Црна Гора, како и во другите приградски области.

Во последните неколку години сме сведоци и на засилено градење во повеќе скопски општини, а круна на урбанизација ќе биде новиот комплекс што треба да „никне“ на паркингот крај ГТЦ. Не знам дали во апликацијата со кое Скопје е пријавено за натпреварот се наведени и исечените јапонски цреши на улица „Максим Горки“, бетонираните дрвја на кејот и опустошувањето на некогаш „зелената“ улица „Орце Николов“.

Претпоставувам дека шефот од одделот за „дрн дрн јариња“ на Град Скопје, на некој таму млад кадар што добро разбира англиски јазик му доверил да го пополни формуларот за „Зелена престолнина на Европа“, мислејќи дека се работи за некаков конкурс за доделување грантови за зазелезување. Немам друго објаснување за оваа глупост, иако потполно ја разбирам потребата од тоа, дека и вработените во градската самоуправа треба понекогаш, нешто и тие да сработат.

Пророчки и поетски, иднината на Скопје по земјотресот во 1963 година е судбоносно предвидена како радосна. „Скопје радост ти ќе бидеш“ е химната на градот, која денеска си ја потпевнуваат единствено инвеститорите, газдите на градежните фирми и претприемачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот