Уште еден пациент со симптоми на коронавирус на Инфективна

Тој апелираше до граѓаните кои допатувале од странство и чувствуваат симптоми на грип да се јават на телефоните во центрите за јавно здравје.

Уште еден пациент со симптоми на коронавирус се наоѓа на Инфективното одделение на Клинички центар. Резултатите од испитувањето на неговата здравствена состојба ќе се знаат за околу два часа. Ова денеска го изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

-Пациентот пристигнал од Дубаи, со симптоми на коронавирус. Каква е неговата здравствена состојба ќе знаеме подоцна, во текот на денот- рече Филипче.

Тој апелираше до граѓаните кои допатувале од странство и чувствуваат симптоми на грип да се јават на телефоните во центрите за јавно здравје.

-Важно е да не се шетаат по болниците, туку да се јават на телефон по што медицински екипи ќе отидат да ги прегледаат во нивните домови, потенцираше министерот. Тој нагласи дека обезбедени се заштитни маски, скафандери со кислород и 150 болнички кревети за пациенти кај кои ќе се појават симптоми на вирусот во Скопје, Штип, Велес и Гостивар.

Министерот исто така апелираше до граѓаните да ги одложат патувањата до северна Италија, а рече дека денеска на седница на влада ќе се разговара за можноста да се откажат сите планирани патувања. На сите гранични премини доставени се прашаланици кои треба да ги пополнат граѓаните при влез во земјава, по што доколку е потребно ќе биде повикана медицинска екипа.

Филипче ги повика граѓаните совесно и точно да одговараат на прашањата, за лично добро, но и за добро на заедницата.

-Апелирам јавноста да не наседнува на лажни вести, да не се креира непотребна паника. Патниците да кажуваат вистински информации, нема потреба да се кријат информации, мора да се кажува вистината. Што се однесува до медицинска опрема, ние имаме доволно количина. Од друга страна, кажано ни е дека има доволно количина на маски во аптеките- истакна Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот