Уште еден обид за „дисциплинирање“ на пратениците

„Пратеник при вршење на својата функција не смее да се раководи од лични, семејни верски, политички и етички интереси, партиски притисоци и ветувања. Не смее да прима или бара корист за извршување на своите должности. Не смее да ги злоупотребува правата кои произлегуваат од извршување на надлежностите како и да прима награда или друга корист за вршење на работите“.

Ова го предвидува членот 1 во Нацрт-верзијата на етичкиот кодекс за пратениците и упатството за негова примена, кој е во завршна фаза. Поделена им е на пратениците и за неа прво ќе се разговара со пратеничките групи за да се изјаснат дали имаат забелешки, изјави за „Слободен печат“, Талат Џафери, претседател на Собранието.

Актуелниот Кодекс за етичко однесување на пратениците изгласен е на 11 јуни 2018 година, а новиот ќе почека да завршат локалните избори.

– Етичкиот кодекс уште е во Нацрт -веризја и нема официјална форма. Мораме да се координираме со пратеничките групи по изборите за истото, бидејќи сега нема време поради кампањата за локалните избори. Нацртот-верзијата е доставена до пратениците и чекаме да видиме кој има забелешки и какви – изјави Џафери.

Новиот етички кодекс предвидува норми и однесување на народните избраници на пленарните и комисиски седници, а со него треба да се постигне и поголема отчетност, транспарентност и одговорно користење на јавните средства и ресурси, како и да се спречи и корупцијата и судирот на интереси меѓу народните избраници. Со новите етички правила, пратениците ќе можат да примат подароци од странски држави за одредени заслуги, но вредноста на тие подароци не смее да не ја надминува сумата од 100 евра во денарска противредност.

Кодексот за етично однесување предвидува суспензија и до три месеци како дисциплинска мерка на пратеник доколку станува збор за погруби прекршувања. Исто така, предвидува и други санкции во зависност од тоа дали се работи за поблаги или погруби прекршувања, како и кратење на пет отсто од платата и до шест месеци. Во случај да има сомневање за судир на интереси, пратеникот е должен да ја консултира и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Носењето на новиот етички кодекс го подржува и Мисијата на ОБСЕ /ОДИХР во Скопје, како и Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) на Швајцарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот