УС Опен: Во полуфиналето пресметка на две мајки, Тим обезбеди пресметка со Медведев
Серена Вилијамс и Викторија Азаренка ќе играат меѓу себе во полуфиналето на УС Опен.
Азаренка продолжува со одличните игри и по триумфот на Мастерс Синсинати, обезбеди пласман во полуфиналето на УС Опен по убедливата победа над Елиз Мертенс со 6:1,6:0.
Белоруската тенисерка работата ја заврши за 73 минути и според прикажаното потсети на најдобрите денови од нејзината кариера кога беше и најдобра светска тенисерка. Ова ќе биде прво полуфинале за Азаренка од 2013 година кога стана вицешампионка.
УС Опен: Заврши бајката на Пиронкова, Вилијамс со пресврт до полуфинале! (ВИДЕО)
Токму таа година, но и претходната 2012 година, Азаренка во финалето на УС Опен, губеше од Серена Вилијамс. Интересно е што новата пресметка помеѓу Серена и Азаренка добива ново поглавје во нивното ривалство бидејќи и двете се мајки. Во досегашните пресметки, Серена Вилијамс убедливо води со 18:4 во победи.
Во второто полуфинале во женска конкуренција ќе се сретнат Наоми Осака и Џенифер Брејди.
Во машка конкурнција, вториот носител Доминик Тим во полуфиналето ќе игра против Данил Медведев.
Тим во три сета со 6:1,6:2,6:4 го победи Алекс де Минор од Австралија и за прв пат ќе игра во полуфиналето на УС Опен каде го очекува Русинот Данил Медведев кој дотука дојде без загубен сет.
Во второто полуфинале ќе играат Пабло Карењо-Биста и Александер Зверев, а дуелите се закажани за утре навечер.