Уртикарија или „копривњача“: Што е и како се лекува?

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

Ова кожно заболување е познато под народното име „копривњача“, поради карактеристичните промени по кожата, кои наликуваат или се исти како оние што се појавуваат после допир на коприва. За уртикарија зборувавме со примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог.

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

Уртикаријата е честа кожна болест, која може да се појави кај луѓето од секоја возраст, па така и кај децата. Се работи за алергиска реакција на кожата од т.н. „брз тип“, што значи дека нејзината појава следува многу брзо – веднаш или во тек на неколку минути/часови после контакт со супстанцијата што ја предизвикала.

Како се манифестира?

Најчесто ова кожно заболување е познато под народното име „копривњача“ поради карактеристичните промени по кожата, кои наликуваат или се исти како оние што се појавуваат после допир на коприва.

Делот од кожата со кој сме ја допреле копривата станува црвен, отечен и се чувствува непријатно пецкање или јадеж на самото место. Таквата промена се нарекува уртика. Природата на реакцијата е иста во двата случаи, па затоа исто изгледаат и промените, со таа разлика што при допир со растението, супстанциите во листовите предизвикуваат промена во кожата, која е ограничена само на местото на контакт, додека кај уртикаријата како кожно заболување, промените се појавуваат на одредени пошироки регии на телото, а може да се прошират и по целата кожа.

Profimedia

Овие промени настануваат поради ослободување на одредени материи од клетките во кожата, кои предизвикуваат брзо ширење на крвните садови и ослободување на супстанцијата хистамин, која е одговорна за изразитиот јадеж во уртиките. Карактеристично е дека пациентите ги „тријат“ промените, па ретко се гледаат гребаници.

Поради проширените крвни садови, се јавува видливо црвенило и оток, па некои пациенти овие промени ги опишуваат и како „пликови“, иако не се работи за вистински меури исполнети со течност. Карактеристично е дека кај ова заболување одделните промени не траат подолго од неколку часа, но додека едни исчезнуваат, веднаш настануваат други, на друго место, така што пациентот постојано изгледа целосно осипан. Нелекувана, состојбата може да продолжи да трае со денови, со периоди на смирување и влошување. Особено доколку не се открие што точно ја предизвикало, па истата супстанција повторно, несакајќи и незнаејќи, да продолжи да се внесува во организмот.

Доколку од овој патолошки процес се зафатени подлабоките делови од кожата, тогаш црвенилото не мора да биде толку видливо, но доминира отокот, особено во делови од телото каде што кожата е мека и нежна (околу очите, усните), па освен црвени уртики по телото, сликата се надополнува и со отоци околу очите и особено на горната усна, кои може комплетно да го изменат изгледот на пациентот и да предизвикаат паника.

Бидејќи сето ова настанува мошне брзо, вообичаено може да се појави страв и кај детето и кај родителот. Состојбата понекогаш може да прогресира и да стане сериозна, ако отокот се прошири и ги зафати дишните патишта, па да настанат тешкотии во дишењето. Поради тоа, најдобро е во таков случај детето што побрзо да се однесе до најблиската амбуланта, каде што ќе се процени состојбата и ќе се прими соодветна терапија, а по потреба ќе се упати понатаму кај специјалист дерматолог или алерголог, кој ќе ординира соодветна терапија. Терапијата вообичаено треба да се прима во текот на неколку дена (по проценка на лекарот), а не да се прекине во првиот момент кога ќе се повлечат промените, бидејќи болеста има тенденција брзо да се смири под терапија, но и да се повторува.

Причинители

Причинителите на овој вид реакција се бројни, и во нив секако се вбројуваат, пред сè, разни видови храна, често рибата, јајцата, тестенините, одредени протеински производи, млечните производи, некои видови овошје и зеленчук, конзервираната храна со многу адитиви и конзерванси, но во принцип, секоја храна може да предизвика ваков вид реакција кај пречувствителен пациент.

Секогаш постои историја на заболувањето, која претходи на оваа реакција, односно, доколку се работи за алергија, во некој претходен контакт со причинителот, кај пациентот се создале одредени производи на имунолошкиот систем – ИгЕ антитела, кои ќе се формираат наново, секогаш кога истиот причинител ќе се внесе во организмот и ќе предизвикаат ваков вид реакција во кожата и во другите чувствителни органи. Поради можноста реакцијата да стане во секој нареден налет сè потешка, задолжително, по секоја цена, треба да се избегнува да се консумира причинителот на уртикаријата, доколку истиот е познат, во каков било облик. Со други зборови, ако кај вашето дете, на пример, при јадење јагоди, се јавува уртикарија, тогаш веќе не смее да ги јаде, а истото се однесува и на друга храна што содржи јагоди (сокови, слатки, сладоледи и слично). Алергијата е најчесто доживотна.

Освен храна, ваков вид кожна реакција можат да предизвикаат и други причинители, како на пример одредени лекови, полен или други растителни производи што навлегуваат во телото со вдишување, убоди од инсекти и слично. Во ваквите случаи најчесто се работи за акутна (брза и бурна) алергиска реакција. Истите препораки важат и во овие случаи, а најважно е веднаш да се отстрани причинителот за реакцијата и веќе во ниту една ситуација да не се зема повторно од страна на пациентот. На ова мора особено да се внимава. Кај алергијата на дишни патишта понекогаш е тешко да се избегне причинителот, кој е присутен во воздухот, па тука се преземаат други мерки, во договор со лекар.

Понекогаш уртикаријата може да поприми и хронична форма – не толку бурна и не толку опасна форма, кога уртики по кожата во налети се појавуваат во период подолг од еден месец. Промените тогаш може да бидат повеќе или помалку проширени, не толку непријатни и бурни како кај акутната форма, но сепак, создаваат постојана непријатност кај пациентот, со постојан јадеж, кој е вознемирувачки и често се влошува навечер во постела, па го нарушува и сонот.

Децата поретко страдаат од ваквиот облик на болеста, но сепак, и тоа може да се случи. Во тој случај потребно е детално испитување и исклучување на сите можни добро познати причинители на уртикарија, а ако тоа не помогне – трагање по скриени облици на воспаление во организмот на пациентот, кои не мора да се очигледни, но се постојан извор на производи, кои ја предизвикуваат оваа реакција.

Ваквите скриени жаришта се нарекуваат „фокуси“ и треба да се прегледаат во секој ваков случај.

Најчести фокуси се – крајниците во грлото на кои може да се намножат бројни видови бактерии, хронично воспалени синуси, расипани заби, кои треба веднаш да се поправат, некоја друга поретка инфекција, како уринарната, која не дава манифестни знаци, но постои, а кај малите деца особено честа причина е и присуството на цревни паразити. Со лабораториски испитувања и темелен педијатарски преглед, повеќето од овие жаришта лесно се откриваат, а со нивно излекување често се отстранува и причината за кожното заболување и тоа исчезнува.

Утрикаријата, барем во првиот налет, бара преглед и проценка од дерматолог. Понекогаш се работи само за банален и изолиран инцидент, но кај одредени пациенти може да се работи за состојба што може и да е повторувачка. Лекувањето, и сѐ друго што е потребно, како соодветна препорака, во секој одреден случај треба да го одреди лекар.

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот