Урбанистичкиот проект: Во Луна паркот ќе има многу реквизити за забава, детски театар и киосци за храна

Највисок реквизит ќе биде панорамско тркало со височина од 35 метри, а по 25 метри високи ќе бидат семејниот ролеркостер и реквизитот наречен „небесен пад“, но ќе има и твистер ролеркостер, тобоган, сафари воз, пиратски брод, летечки лулашки, подморници, рингишпил и други забавни реквизити.

Општина Карпош деновиве на својата веб – страница го објави Урбанистичкиот проект за разработка на градежна парцела 3.1 од ДУП за Централен Градски парк – блок 3, со кој всушност се врши позиционирање на реквизитите и сите придружни содржини во новиот Луна парк. Проектот го изработи „Тајфа архитекти“ од Куманово, нарачател е Град Скопје, за што во октомври 2021 година е склучен Меморандум за соработка чиј потписник во името на Градот е поранешниот градоначалник Петре Шилегов.

Според проектното решение, новиот забавен парк е предвидено да се изведе на постојната локација во Градскиот парк, каде што треба да се сместат забавни и адреналински реквизити, како и помошни објекти што ќе овозможат непрекинатата работа на реквизитите.

Придружни содржини на забавниот парк се: потребна администрација, билетарници, театар за деца, два ресторана, отворен и затворен, простори за продажба на храна, слатки, сувенири, тоалети, помошни простории, разни остави, мало езеро и други пропратни содржини. Компатибилните намени исто така се во служба на забавниот парк и се предвидуваат како дел од него. Овој Забавен парк треба да се димензионира да опслужува 3000 посетители – корисници дневно. Предвидено е поставување на 28 атракции од кои неколку се адреналински, најмногу се за деца од помала возраст и неколку семејни – наведено е во објаснувањето на Урбанистичкиот проект.

Согласно ДУП за Централен градски парк – блок 3, заради специфичноста на намената (Д – зеленило, рекреација и меморијални простори), максималната висина на градбите е утврдена со максимална висина според број на катови од П до П+1 и максималната висина на венец од 4 до 35 м.

Највисок реквизит ќе биде панорамско тркало со височина од  35 метри, а по 25 метри високи ќе бидат семејниот ролеркостер и реквизитот наречен „небесен пад“. Покрај овие реквизити ќе има и твистер ролеркостер, тобоган, мини ролеркостер, сафари воз, пиратски брод, летечки лулашки, мини панорамско тркало, подморници, рингишпил и други забавни реквизити.

Останатиот простор на ниво на партер ќе се уреди со павер елементи, ќе биде обезбедено, како што се наведува во Урбанистичкиот проект и минимум законски задолжително дворно зеленило од 20 отсто. Целиот забавен парк се предвидува да се огради со транспарентна ограда, со минимална височина од два метра.  Патеките за пристапот до содржините ќе бидат со бекатон плочки.

За Урбанистичкиот проект ќе треба да се изјаснат советниците на Советот на Општина Карпош, а вчера со свој став околу планот за изградба на новиот Луна парк, излезе и градоначалничката Данела Арсовска. Таа рече дека на овој простор нема да има никакви градења, односно ништо повеќе од она што е предвидено со проектот, а тоа се единствено реквизити за забава.

Нема никакви згради, нема никакви изданија, нема сечење дрвја, нема ништо надвор од она што е предвидено со основниот проект. По повеќе од деценија на немање на Луна парк, сметам дека скопјани и помладите генерации заслужуваат да можат да се радуваат на ваков парк – рече Арсовска. 

Во Студијата за концесии за имплементација на забавен парк во град Скопје од јануари 2011 година предвидено било дека забавниот парк, во период од 25 години ќе достигне годишна посетеност од околу 200.000 посетители, со максималната дневна посетеност од 1.000 до 1.400 посетители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот