Урбаната мафија од „белата палата“

Жарко Трајаноски. / Фото: Приватна архива

Поминаа шест и кусур години откако ги чувме снимките и, конечно, пред два месеца дочекавме и покренување „Обвинение против шест лица за плацовите на Водно“ за „перење пари“ и „противправно стекнување и прикривање имот“. Но, дали обвинението на ОЈО за организиран криминал ги опфаќа сите „урбани мафијаши“ и сите укажувања за организирани криминални дејанија што ги слушнавме од снимките?

Пред шест и кусур години, слушавме снимки од највисоки функционери на власта – тогашниот премиер, министри и шефот на УБК – како со години биле опседнати со купопродажба на плацови на Водно и самоволни измени на урбанистички планови заради личен интерес. Слушавме како дури и на паузи од владини седници премиерот и министерот за транспорт си цртале улици, си делеле и парчеле парцели, си вцртувале крупни маркички за „згради мади“ (како што жаргонски се изрази обезбедувачот кој по дожд ги шетал функционерите со комбиња по скопските населби). Слушавме како биле опседнати „24/7“ со плацовите на Водно – лицето Н.Г. и лицето М.Ј. (одговорно за „спроведување на договореното од комбето“) пред спиење не броеле овци, туку си броеле квадрати и евра, можни профити од „комбинации“ со парцели и „маркички“ настанати при „промена на ГУП, па ДУП“.

Снимките сведочеа дека „урбаната мафија“ во Скопје не е никаков мит, туку составен дел од луксузната „бела палата“. Бевме згрозени од обидите за урбано-мафијашко уништување на шумскиот појас на Водно и систематското уништување на градот преку криминална „промена на ГУП, па ДУП“ со мафијашки притисоци.

Поминаа шест и кусур години откако ги чувме снимките и, конечно, пред два месеца дочекавме и покренување „Обвинение против шест лица за плацовите на Водно“ за „перење пари“ и „противправно стекнување и прикривање имот“. Но, дали обвинението на ОЈО за организиран криминал ги опфаќа сите „урбани мафијаши“ и сите укажувања за организирани криминални дејанија што ги слушнавме од снимките?

Битно е да се „кради“ – за „згради мади“!

ОЈО за организиран криминал ни соопшти дека првообвинетиот Н.Г., со присвоените партиски пари побарал од обвинетиот братучед „С.М.“ да му помогне за купување на шума на Водно со површина од 11.255 м2. Шумата била купена од оф-шор фирма од Белизе со прикриен сопственик и пренаменета во три градежни парцели. По објавувањето на „бомбите“, парцелите ги смениле сопствениците, но станува збор за јавно познати деловни соработници на поранешниот премиер и неговиот братучед. Првообвинетиот Н.Г. се товари и дека „не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2729 м2 и две градежни парцели во Крушево“, па ОЈО побара тие да бидат конфискувани заедно со „трите плаца на Водно“.

Кога медиумите почнаа да пишуваат за претресите на новооткриените два стана на поранешниот премиер (едниот на име на поранешна негова секретарка, а другиот на име на фирма „ИКТ Инженеринг“) се огласи и првообвинетиот Н.Г. Крајно неуверливо тврдеше – „имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев а од кои имав потреба“. Бегалецот од правдата Н.Г. пишуваше и дека „не постои никаков скриен имот, стан или земјиште“, негирајќи се што слушнавме во снимките. Па, зарем е можно премиерот да му се фалел на својот омилен министер дека купил плац на Водно за „џабалак“, а воопшто да немало таков плац? Можно ли е толку време да трошеле заедно на плацови и маркички на Водно кои воопшто не постоеле?

И Груевски планирал хациенда на „Беверли Хилс“ на Водно?

Пред една седмица, во воведниот збор за случајот „Плацовите на Водно“, обвинителката ја заинтригира јавноста со тврдењето дека поранешниот премиер на плацот на Водно сакал да гради куќа во барокен стил, до резиденцијата на Вилма Трајковска.  Мотивиран од тврдењата на обвинителката, неделникот „Фокус“ објави сензационалистички напис „Мегаломанското лице на тајниот имот на бегалецот: Огромен барокен замок од над 1.300 м2 требало да гради Груевски на Водно“, тврдејќи дека „Груевски планирал да изгради огромен замок, инспириран од проектот „Скопје 2014“, кој во тој период земаше замав“.

Податоците од Катастарот и ДУП-овите се јавни, па лесно може да се провери сопственоста на плацот „од 2.700 метри квадратни, до резиденцијата на Вилма Трајковска“, за кој говореше обвинителката. Податоците од катастар укажуваат на парцела бр. 2777/23, од 2729 м2, заведена како „Други вештачки неплодни земјишта“, на место „Славејко Арсов“, а во сопственост на „Друштво за градежништво и инженеринг ИТК Инженеринг груп ДООЕЛ Скопје“ (интересно, на име на фирма „ИКТ Инженеринг“ бил и еден од новооткриените станови во зградата на Н.Г.). Податоците, пак, од ДУП „Тасино Чешмиче 1“ укажуваат на градежна парцела број  9.38 со вкупна површина на градежно земјиште од 2734 м2, со површина на земјиште под градба од 1349 м2, и вкупна изградена површина од дури 5.397 м2.

Е, сега, бидејќи актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ се фали со „математичка прецизност“, може да помогне во решавање на неколку математички задачи: Колку двособни станови од 54 м2 може да се изградат на површина од 5.397 м2? Колку милиони евра профит може да се извлече од продажба на објект од 5.397 м2, на плац купен за околу 100.000 евра, ако се знае дека становите во близина на „Беверли Хилс на Водно“ се продаваат околу 1.500 евра за м2? Колку членови на ВМРО-ДПМНЕ гласале за промена на ГУП-от, и ДУП-овите за да му овозможат на партискиот лидер да сонува за милионски профит со изградба на хациенда на „Беверли Хилс“ на Водно?

Зошто има само шест обвинети за „Плацовите на Водно“?

Задоцнетиот судски процес за „Плацовите на Водно“ покренува многу прашања на кои јавноста заслужува аргументирани одговори:

Прво, зошто не е обвинет поранешниот министер за транспорт и врски, кој го слушавме како главен актер во „бомбите“ за плацовите, ако е точно дека најбезобразно било искористувано неговото министерство за криминални дејанија?

Второ, зошто во обвинението за плацовите на Водно не се опфатени сите инволвирани индивидуи и фирми кои фигурирале како „сопственици“ на плацови за кои чувме во „бомбите“, и зошто не е побарана конфискација на сите плацови?

Трето, зошто во обвинението не се вклучени лицата кои овозможиле криминална измена на ГУП на Скопје, за кој тогашната опозиција и здруженија на граѓани укажуваа дека е донесен во крајно нетранспарентна и незаконска постапка?

Четврто, зошто во обвинението не се вклучени лицата кои на криминален начин ги измениле ДУП-овите од општина Центар и кои овозможиле цртање улици и маркички по ќеф на „пастирот“ и неговиот омилен министер-извршител?

Петто, зошто никој не одговара за криминално донесените урбанистички планови со кои на многу други сомнителни фирми и индивидуи им се овозможило и овозможува уништување на шумскиот појас на Водно и Скопје?

Сите овие прашања заслужуваат одговор и проширување на обвинението на многу повеќе „урбани мафијаши“ заслужни за криминалната урбанизација на Водно. Ако судот не даде одговор, ќе остане горкиот впечаток дека „урбаната мафија“ не е само во „белата палата“ „со велелепни лустери, црвени теписи, со махагони“, туку и во „палатата на правдата“.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Видео на денот