Украинската офанзива на руска територија е планирана во Вашингтон, а не во Киев

Украинска војска ,(EUMAM UA). EPA-EFE/ROMAN RIOS

Украинските војници извршија значителен упад во руската област Курск, што резултираше со еден од најсериозните гранични инциденти во конфликтот досега.

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина за „голема провокација“, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски директно не го потврди нападот, но посочи дека притисокот врз Русија ја приближува Украина до перспективата за мир, објави „Ал Џезира“.

Во меѓувреме Институтот за проучување на војната (ISW) објави дека украинските сили напреднале до 10 километри во регионот Курск, пробивајќи најмалку две руски одбранбени линии. Борбите се фокусирани на областа околу градот Сужа, важен логистички центар, каде што досега се повредени 31 цивили, меѓу кои 6 деца, додека 5 лица се убиени.

Руската Дума на нозе

Но она што ја загрижува руската јавност е острата реакција на пратеничката на руската Дума, Елена Панина за настаните во Курск. Таа тие ги опиша како украинска инвазија на руска територија. На својот канал Телеграм, Панина напиша дека времето на „специјалната воена операција“ заврши и дека доаѓа времето на отворена „татковинска војна“.

Пратеничката истакна дека високото ниво на организација на инвазијата на вооружените сили на Украина на руската територија, вклучените сили вооружени со најдоброто западно оружје и помогнати со цела орда беспилотни летала докажува дека нападот бил подготвен во Вашингтон, а не во Киев.

Панина, исто така, посочи дека нападот во Курск „не бил изолиран“ и дека може да следат други копнени операции на украинските вооружени сили на руска територија.

Ќе се одмазди ли Русија?

– Непријателот што влезе во руска почва не само што треба да биде запрен и фрлен назад преку државната граница, туку мора во исто време да се уништат и Сума и Харков, и Киев, но и Дњепропетровск, како и Миколаев и Одеса …“, истакна Панина.

Од друга страна Дмитриј Медведев, исто така, се закани дека ќе ја прошири војната на цела Украина.

Украинските власти директно не ја презедоа одговорноста за нападот, но нагласија дека секоја ескалација е последица на руската агресија. Изјавите доаѓаат во време на извештаи за зголемени борби во регионот Сумa, кој граничи со Курск, каде што руските сили наводно претрпеле значителни загуби.

Ситуацијата во Курск предизвика сериозна загриженост кај руските власти, со извештаи за масовни евакуации и паника меѓу локалното население, додека проукраинските сили продолжија со нападите на руска територија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот