УПОЗ бара покачување и на платите на вработените во судовите, а не само на судиите

УПОЗ/ Фото: МИА

Синдикатот на УПОЗ денеска со соопштение реагира на вчерашната најава за зголемување на платите на судиите при што посочува дека немаат ништо против тоа, но оти сметаат дека зголемувањето на платите на вработените во судовите треба да биде поголемо од тоа на судиите, бидејќи, како што нагласуваат, разликата меѓу платите на едните и другите е огромна.

Синдикатот реагира и за тоа што не биле вклучени во преговорите за покачување на платите и бараат средба на министерот за правда Бојан Маричиќ со претставници на вработените во судовите и јавните обвинителства.

-Синдикатот на УПОЗ не е против зголемувањето на платите на судиите, но е против тоа што не е вклучен во разговорите и не е консултиран колкаво треба да е зголемувањето на платите на вработените во судовите. Доколку бевме прашани, со аргументи ќе докажевме дека во овој случај зголемувањето на платите на вработените во судовите и јавните обвинителства треба да биде поголемо од зголемувањето на судиите затоа што разликата помеѓу платите на судиите и другите вработени е премногу голема и предизвикува револт, кој влијае на нивната ефикасност, ефективност и посветеност во работењето, велат од УПОЗ.

Посочуваат дека судските доставувачи – курири се со плата од 16.500 денари, записничарите – дактилографи со плата од 18.000 денари, вработените во писарница со плата од 21.000 денари и  стручните судски службеници – стручните соработници со плата од 25.000 денари. Најголем дел од вработените земаат плата помала од просечната. Само многу мал број вработени, според УПОЗ, се над тој просек, а тоа се раководителите на оддели и одделенија (кои ги има само во двата најголеми судови) и администраторите. Состојбата со платите е идентична и во јавните обвинителства.

Од Синдикатот на УПОЗ нагласуваат дека се единствен репрезентативен синдикат и социјален партнер, со кој според Уставот и законите, министерот треба да разговара за сите прашања поврзани со работниот однос на вработените.

-При ова очигледно е дека вчера беа заборавени постојаните барања на Синдикатот за зголемување на платите на судската и јавно обвинителската администрација, а заборавено беше и тоа дека во судовите има вработени судски полицајци и помошно – технички персонал. Таквиот пристап на селективност при зголемувања на платите во судовите беше повод за многу протести и штрајкови во минатото. Секогаш оваа категорија вработени и во судовите и во обвинителствата се на маргините, се заборава дека нивната работа е тимска што значи за да има предмет кој конечно ќе биде завршен со издржана, законита одлука, се вклучува цел тим на вработени, од доставувачи, дактилографи, службеници во писарница, па до соработници, се вели во реакцијата од УПОЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот