
Упатството за корупциските предмети случајно се совпадна со критиките од Мицкоски, уверува Коцевски
Упатството од државниот јавен обвинител да се даде приоритет на постапувањето во предметите за корупција, случајно се совпаднало со најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека почнува акција против корумпираните судии и обвинители, вели јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ1.
Препорачано
На прашањето што треба да се заклучи – дали дека притисокот од премиерот дал резултат или дека обвинителството, со упатството, признало дека не работи како што треба, Коцевски вели дека негова намера извесно време наназад била „да се даде приорите на сите предмети што се во интерес на јавноста“.
„Не е така, затоа што секоја критика може да се сфати и добронамерно. Меѓутоа, во конкретниот случај, можеби, се совпадна она што премиерот го кажа и тоа што беше моја намера – да се даде приоритет на сите предмети што се во интерес на јавноста. Тоа го разработував извесно време, меѓутоа некои работи се совпаднаа. Со тоа што можам да кажам дека ја уверувам јавноста дека не може јавното обвинителство да биде под притисок на власта или опозицијата затоа што јавното обвинителство мора да работи согласно закон и правилата коишто ги предвидува самиот закон“, вели Коцевски.
Тој не се согласува и со тезата дека со упатството тој практично признава дека обвинителствата не постапувале како што треба до тој момент, ако се имаат предвид забелешките од премиерот кон обвинителите дека „добиваат дијареја, грчеви во стомак, главоболки и анксиозност пред да потпишат важна наредба“ и одговорот на Коцевски кој тогаш порача дека „со исклучителна сериозност ги зема апелите од извршната власт и од јавноста за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата“.
„Не е така, затоа што јавното обвинителство континуирано работи, меѓутоа проблем е што доказите многу тешко се обезбедуваат и овој приоритет не е само за јавните обвинители да даваат приоритет на предметите за корупција, туку да ги ажурираат сите предмети, имајќи предвид дека сите наредби што се даваат до одредени органи, во одреден период не се добиваат соодветни докази. Што значи дека јавното обвинителство сега даде приоритет за ажурирање на сите оние предмети, на сите оние наредби по коишто се постапува за да се добијат одредени докази од страна на органите од коишто се бараат“, додаде Коцевски.
Во однос на состанокот кој се одложил на барање на предметен обвинител поради дијареа, Коцевски вели дека станува збор за случајот „Државна лотарија“. Но, според него, одлагањето не влијаело суштински на предметот, ниту, пак, има информации за повеќе одлагања, како што тврдеше Мицкоски.