Упатство: Како да се урне Заев од власт?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Прво, да се разбереме, иако Упатството е за рушење на Заев од власт, вистинската цел, всушност, е ургентната потреба од уривање на СЈО и неговите истраги и обвиненија. Но, бидејќи „бедемот“ околу СЈО е висока фортификација градена по меѓународни стандарди, а е заштитнички мониторирана од странските „инженери“, точна е проценката дека уривањето на СЈО е полесно да се изведе преку уривање на Заев. Исправно.

(Човек да помисли дека, да не е тоа проклето СЈО, уривањето на Заев не би било ни потребно, би се нашла некаква разбирачка, чаре, посредници, проводаџии… Нејсе.)

Упатството е координирано помеѓу еден главен централно-европски град, еден друг град кој е на море, во соседството на државава, и Скопје. Ликови кои работеле на изработка на Упатството? Да речеме дека се тоа упатени лица во модерната македонска аудио продукција, а се во посед на матриците. Ги нудат наоколу и за пари, само цената не е мала, па преговорите малку се развлекуваат… Не е важно, тоа им е „дополнителен приход“, ако бидне. Се разбира, во спроведување на Упатството има и лица од Скопје, подизведувачи на работите.

Значи, Упатството е и просто и компликувано, зависи како се гледа. Има две главни линии: едната треба да ги поткопа коалициските односи меѓу СДСМ и ДУИ; втората треба да е некаква голема корупциска афера, барем да тежи неколку стотици милиони евра!

Ризик-фактор? Време. Многу им се брза. Полека влегуваат во цајтнот, септември може да е доцна. А октомври, веќе, предоцна!

Првата линија, околу ДУИ, е здодевна. Си тече, се емитува, се посредува. Речено е дека ако се испорачаат неки работи, други работи нема да се пуштат во оптек. Сепак, што и да прави ДУИ, има една „трета“ страна којашто мора да се консултира за „оверка“. Затоа е важно да успее втората линија на Упатството, за „оверката“ и по првата линија да не може да се избегне.

Е, за изведбата на таа втора линија се има големо претходно искуство, веќе успешно проверено. На пример, кога сме веќе кај СЈО, познато е дека изградбата на „Скопје 2014“ беше искористена за финансирање на неколку крупни приватни објекти во центарот на главниот град. Споредбената градежна и финансиска форензика би можела да покаже дека како се ставани плочи и арматури на неколку јавни објекти, паралелно се ставани плочи и арматури на приватни градби. Ваму една мешалка за бетон, таму една мешалка за бетон. Памтите: „Крадат, ама барем градат!“

Сега истиот модел, со слични посредници, се нуди и на СДСМ. Што знае дете што се сто ката во центарот на Скопје. Да, де, ќе има и парк и дрва и клупи за седење и подземни гаражи, така се бара и со граѓански иницијативи и со петиции. Важно е чии се мешалките за бетон и арматурата. А нели сите сме запнале и овие нешто да градат! Со Г. Ете, на пример, голем, нов клинички центар или такво нешто.

Во моментов, мрежата внимателно се плете, СДСМ уште ја нема голтнато јадицата, ама неколку усти се подотворени, ако не настрадаат со реконструкцијата на власта. Главно, според Упатството, сега треба да се инсталира нов „Миле Јанакиески“, што ќе потпишува. Гледаат како да му го протнат на Заев.

Во Упатството пишува: без грижа, само е прашање на време. Но, речено е, времето е ризик-фактор. Затоа Упатството предвидува и „резервни планови за уривање“, кои се веќе во тек. Фиљан луѓе, мажи и женски, се зафатени за таа работа. И не смее да биде под сто милиони – никако!

Само не заборавајте: во Упатството, метата е СЈО! Другото е колатерала.

Бреееј, што лето ќе имаме годинава, цело време ветре ќе нè дува. Уживанција.

Извор: Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот