Универзитетски професори обвинуваат: Ректорот сака да ни формира синдикат и не уценува со ветеното покачување на платите

Фото: Слободен печат

Од друга страна, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски во изјава за „Слободен печат“ вели дека зачленувањето во синдикатот е доброволно.

Независниот академски синдикат (НАкС) денеска се спротивстави на наредбата од ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, со која, како што вели професорката Мирјана Најчевска, на вработените во високото образование им било наложено да формираат синдикат кој ќе биде под директен надзор на генералниот секретар на ректорот. Рокот за основање е четири дена, а веќе се пратени и пристапници за доброволно зачленување и е одредена членарина од 50 денари која ќе ја собира физичко лице на сопствена сметка што потоа ќе му ги префрли на идниот синдикат.

– Овој допис претставува атак врз синдикалното здружување заради тоа што го дезавуира склучувањето на колективен договор и ја дезавуира работата на сите постоечки академски синдикати. Уште пред три месеци овој синдикат предложи колективен договор до министерот за образование и му го достави договорот кој е составен од 45 страни и кој содржи разработени принципи за градење на системски промени на она што претставува не само формирање на платите во високото образование туку и заштита на сите вработени и овозможува автономија на универзитетот – објаснува Најчевска и додава дека барањето на МОН да се формира нов синдикат, и покрај веќе постоечкиот, е само обид да се стави крај на работењето на НАкС, бидејќи се покажало дека ќе се бори за професорските права.

Таа додава дека досега не е евидентиран случај работодавецот да формира синдикат.

– Ова според Синдикатот е преседан бидејќи, никаде до сега не е евидентиран пример работодавачот, во случајов Ректоратот, да формира синдикат, со што се урива идејата за синдикално здружување. Во дописот се поттикнува прекршување на законите на повеќе нивоа, се атакува на доброволноста на здружување и се врши најотворена уцена со закана: ако не го направите ова на начинот на кој ви диктира ректорот нема да има покачување на платите од 10%. Ова претставува отворена закана дека на професорите нема да им се исплатат ветените 10 проценти зголемување на плата – реагира Најчевска.

Мира Беќар, професорка на Филолошкиот факултет, поттикната од, како што рече, залажувањето со незначителното покачување на платите, рече дека нема да се „продадат“ за 10 проценти повисока плата.

– Ако ние сега се продадеме за 10 посто поголема плата, не смееме да им се смееме на пензионерите што се продаваат за 500 денари, затоа што ние кога ќе бидеме пензионери, изгледа ќе се продаваме и за 300 денари – рече Беќар.

Од НАкС додаваат дека отворено се манипулира и академската и пошироката јавност со лагата дека не може да се покачат платите во високото образование без постоење на колективен договор.

Од друга страна, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски во изјава за „Слободен печат“ вели дека е крајно разочаран од искажаниот став на Најчевска.

– Мора да признаам дека сум крајно разочаран од искажаните ставови на проф. Најчевска во врска со иницијативата за синдикално организирање чија единствена и крајна цел е зголемување на платите на сите вработени, и наставен и ненаставен кадар, на сите државни универзитети. Крајно сум разочаран  од неразбирањето на крајната и единствена цел која е искористена за други дневно-политички игри и цели. Личниот став на проф. Најчевска е нејзино право, нејзиното членување во други синдикални организации со оваа иницијатива не е оспорено ни загрозено, но непријатно сум изненаден дека со нејзините ставови проф. Најчевска ги повикува вработените на УКИМ на бојкот, бојкот чија крајна цел е спротивен на интересот на сите вработени и не води кон подобрување на нивната материјално-финансиска состојба – вели Јанкуловски.

Тој објаснува дека зачленувањето во синдикатот е доброволно.

– Во писмото од генералниот секретар на 2 места неспорно стои дека зачленувањето е доброволно. Во истото писмо се презентирани членови од законите каде е предвидено и дозволено синдикално организирање на ниво на работодавач, за разлика од професорката која зборува за прекршување на Уставот и законите, но само паушално, без цитирање на конкретни членови. Во моментов, на сите јавни универзитети се формираат синдикати на ниво на работодавач, а потоа тие ќе се здружат во повисока форма на организирање – синдикат на јавни универзитети во Република Северна Македонија – објаснува Јанкукловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот