Универзална сала го чепна политичкиот „нерв“ на советниците, не и ја даваат салата на Владата една година пред избори

Иницијативата поднесена од група советници од СДСМ и коалицијата со која се предлагаше Универзална сала времено да и се даде на Владата за да ја заврши реконструкцијата, а потоа да се врати на Градот, иако денеска се најде на дневен ред пред Советот на Град Скопје не беше изгласана, затоа што повторно на сцена стапија политичките интереси.

Според советникот од Левица Амар Мациновиќ,  во Иницијативата немало ништо спорно, но имало спорно во Владата, Министерството за култура и министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, кој тој ја нарече „министерка за радост“. Според него не е во ред година дена до парламентрани избори салата да се предаде на делегитимирана Влада.

Страшо Ангеловски, советник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кој на минатата седница беше против тоа оваа иницијатива да се стави на дневен ред затоа што посочи дека прво сака да разговара со министерката за култура, а потоа да произлезе заедничка иницијатива, денеска можноста за прифаќање на привремено предавање на Универзална сала го сметаше за пораз.

Се соглсувам дека е важен проект за Скопје и дел е од програмата на градоначалничката во која пишува дека Град Скопје ќе ја реновира салата, а никаде не пишува дека градот ќе се откаже од реновирањето и дека тоа ќе го дозволи на Министерството за култура. За мене прифаќањето на оваа иницијатива ќе значи прифаќање на неспособноста и на поразот на 45 советници, прифаќање на неспособноста на градоначалникот и службите на Градот. Можеби господа од СДСМ за вас поразот и неспособноста се секојдневие, но за мене не се опција, верувам дека и за останатите советници не се опција и верувам дека и за госпоѓата градоначалник и службите не се опција. Затоа, наместо оваа иницијатива јас би предложил иницијатива со која ќе го поттикнеме Град Скопје да влезе во реализација со помош на Министерството и на шеесетгодишнината од Универзална сала да ја пуштиме во употреба – рече Ангеловски.

Со оглед на тоа дека пропадна и оваа иницијатива, скопјани очигледно уште долго време ќе чекаат за да заврши реконструкцијата и објектот повторно да се пушти во употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот