Уникатен рецепт на Стефанија Несторовска: Морков чизкејк барови

Фото: Приватна архива

Чизкејкот стана популарен во последниве години, бидејќи е едноставен десерт кој не се пече. Чизкејк е торта/колач со крем сирење. Покрај сирењето, состојките се: слатка павлака, бисквити, путер и овошје (најчесто црвено).

Чизкејкот може да се направи и без овошје, со чоколадо, јаткасти плодови… Основата е иста, а додатоците прилагодете ги по вкус.

Њујоршкиот чизкејк се прави поинаку (се пече) во споредба со оној кој е популарен кај нас. Крем сирење, бисквити, павлака, маргарин/путер, како и другите состојки можете да ги избирате. Користете производи кои се достапни за вас или оние на кои сте навикнати.

Позната по својата креативност и инвентивност, младата Стефанија Несторовска која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, овојпат ни приготви чизкејк барчиња од морков. Направете го рецептот, ќе уживате во неповторливиот вкус.

Состојки:

За база:

– 2-3 моркови, рендани или блендирани на крупно (изрендани околу 1 филџан)
– 150 г (1+1/2 cup) ореви
– 140 г (1 филџан) бадеми
– 220 г (1 филџан) урми
– 1 лажичка цимет
– 1/2 лажичка ѓумбир во прав
– 1/4 лажичка морско оревче
– малку ванила (по желба)

За филинг:

– 210 г (1+1/2 филџан) индиски ореви, киснети во вода*
– сок од еден портокал
– 70 г (1/3 филџан) кокосово масло, стопено
– 160 г (2/3 филџан) кокосово млеко, од конзерва
– 3 лажици јаворов сируп

За декорација:

– грубо исецкани оревчиња
– кора од портокал, изрендана
** Индиските ореви се мерат и се додаваат во сад, се додава вода, доволно да ги прекрие сите. Се оставаат да отстојат преку ноќ или најмалку 4 часа. За побрза постапка може да им додадете врела (превриена) вода и да ги потопите 30 минути до 1 час.

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Најпрво се подготвува тава што ќе ни служи како калап. Со оглед на тоа што не се пече, може да си користите каков било сад. Јас користев керамички сад со димензии 20х20. Може да користите калап за торта, за мафини, за леб и слично… Се додава хартија за печење и се тргнува настрана.

Во блендер се додаваат оревите, бадемите и сите зачини. Се блендира сè додека не се раскршат јатките. Нека бидат убаво измелени, но не премногу, нека остане малку текстура.

Се додаваат и урмите и повторно се блендира сè додека смесата не се соедини. На крај, се додаваат и ренданите моркови и се пулсира неколкупати во блендерот. Не премногу, само колку да се измешаат во смесата.

Доколку имате мал блендер, можеби ќе треба да блендирате сè одвоено па потоа на рака да ги соедините и измешате.

Смесата ќе биде малку „мокра“, но не премногу. Треба да биде доволно леплива за да може да држи и да се соедини. Ако е премногу сува, додадете малку повеќе урми, ако е многу течна и не се лепи додадете повеќе јаткасти плодови, може и малку кокос или овес доколку имате при рака.

Се додава смесата во подготвената тава и се притиснува на дното. Со шпатула или со рака се тапка и се рамни убаво. Се остава на страна додека го подготвуваме филот.

Се премиваат индиските ореви од водата во која што се киснети. Се цедат убаво и се додаваат во блендер заедно со сите останати состојки.
Се блендира убаво сè додека не се добие кремаста смеса.

Се додава на базата, се рамни убаво и одозгора се додаваат оревчињата и ренданиот портокал за декорација.

Се остава во замрзнивач да се стврдне неколку часа пред да се исече.

Барчињата може да ги чувате во замрзнивач и до 2 месеци без проблем. Пред консумирање, се оставаат 5-10 минути да пуштат и се спремни за јадење.

Забелешки и совети:

→ Оревите и бадемите за базата може да ги замените со кои било други јаткасти плодови. Вкусот може да се промени, но верувам дека ќе бидат подеднакво вкусни.

→ Урмите може да ги замените со суви сливи, (јас лично не сум пробала), меѓутоа би требало да биде успешно и на тој начин.

→ Јаворовиот сируп може да се замени со кој било друг течен засладувач; мед, агаве, сируп од урми, меласа и слично…

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот