Унија за Медитеранот: Поради поскапувањето на храната, на ова подрачје може да избувнат немири

супермаркет
Фото: Pexels / Kevin Malik

Доколку цените на храната и енергијата продолжат да растат, би можеле да избијат немири на југот и на истокот на Медитеранот, каде пред десет години избувна серија политички бунтови познати како „Арапска пролет“, предупреди првиот човек на Унијата за Медитеранот, објави Хина.

„Проблемот е многу сериозен. Земјите од јужниот и источниот дел на Медитеранот се увозници на основни прехранбени производи, особено житарки. Некои се 90 отсто зависни од нивниот увоз“, рече Насер Камел, генерален секретар на Унијата за Медитеранот, во интервју за Хина.

Падот на испораките на жито од завојуваните Украина и Русија, водечките светски извозници, ги зголеми цените на храната во земји како Мароко, Алжир, Тунис, Либија, Египет и Либан.

„Порастот на цените беше огромен. Но, по договорот за слободен премин на бродови со украинско жито низ Црното Море, цената се врати на прифатливо ниво“, вели Камел. Таа организација со 43 земји во четвртокот одржа форум, во чиј заклучок беше наведено дека прекинот на испораката на храна ја влоши и онака тешката социјална и економска состојба предизвикана од пандемијата на коронавирус. Египет увезува 50 отсто од својата храна, а со население од 107 милиони жители е најголемиот увозник на жито во светот, вели дипломатот Камел, кој е роден во таа земја во северна Африка.

Во Тунис, земјата која ја започна „арапската пролет“ во 2011 година, граѓаните се соочуваат со недостиг од млеко, шеќер, путер и брашно. Особено е тешко да се најде млеко за бебиња.

„Секој месец недостасува нешто ново, па луѓето се незадоволни. Цените и невработеноста растат, а претседателот, кој се уште ужива голема поддршка, не објасни како да ја реши ситуацијата, па луѓето се чувствуваат несигурно. Нешто големо би можело да се случи порано изборите“, вели Рауја Кедер, новинар на туниското радио РТЦИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот