УНИЦЕФ во хуманитарна мисија: Две милијарди дози на вакцини против ковид-19 за сиромашните земји

Фото: EPA-EFE/NYEIN CHAN NAING

Земјите во развој во наредната година ќе добијат, речиси, две милијарди дози на вакцини против ковид-19, соопшти агенцијата за деца УНИЦЕФ при Обединетите нации (ОН).

Организацијата соопшти дека соработува со 350 авиокомпании и фирми за логистика за доставување на потребните дози во сиромашните земји како Бурунди, Авганистан и Јемен, преку Ковакс механизмот, глобален план за дистрибуција на вакцини против ковид-19 на Светската здравствена организација (СЗО).

– Ќе соработуваме на овој план за да обезбедиме доволен капацитет за транспорт на оваа „мамутска“ операција, рече Етлева Кадили, директорка на одделот за снабдување при УНИЦЕФ.

Целта на Ковакс, проект заеднички предводен од СЗО, групата ГАВИ и Коалицијата за епидемиолошка подготвеност, е да спречи одделни земји да складираат вакцини против ковид-19 и да обезбеди вакцина за сите најранливи групи во сите земји.

– Потребна ни е целата расположлива помош додека се подготвуваме да доставиме дози на вакцини, инјекции и заштитна опрема за да ги заштитиме здравствените работници ширум светот, рече Кадили, официјален претставник на УНИЦЕФ, кој е најголемиот купувач и дистрибутер на вакцини во светот.

Без оглед на моменталната пандемија, УНИЦЕФ дистрибуира над две милијарди дози за рутинска имунизација секоја година во, речиси, 100 земји во светот. Се очекува до крајот на оваа година здравствените регулатори да ги одобрат првите вакцини против ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот