Унгарски 24: Груевски отвори фирма во Будимпешта со скопската адреса, бизнис со порцелан, стакло и средства за чистење

Фото: Screenshot/24.hu

Поранешниот премиер Никола Груевски кој од Македонија побегна во Унгарија среде судење за корупција и доби азил есента 2018 година, со адреса во Дистрикт 5, доби и право на глас на локалните избори во Будимпешта наредната година, пишува на насловната страница унгарскиот портал 24.ху. како вовед во веста дека Груевски отворил сопствен бизнис со керамика во Унгарија.

Порталот наведува дека во Унгарија имало многу реакции од опозицијата што точно прави поранешниот шеф на македонската влада во оваа земја, и досега официјално е само соопштено дека Груевски „бил ангажиран како советник на министерот за надворешни работи на Унгарија за прашања врзани за Западен Балкан“.

Порталот открива дека Груевски отворил приватен бизнис во Унгарија. Неговата фирма ИЦИЦ Кфт, е регистрирана во Пецел, предградие на Будимпешта на 15 јули и тој е директор и основач на компанијата. Нејзина главна активност е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но фирмата се занимава и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење. Иако се знае дека Груевски живее во Унгарија, тој ја дал скопската адреса како седиште, а адвокатот Каталин Хорнјик е регистриран како овластен правен застапник, пишува порталот.

Во написот за новиот бизнис на Груевски во Унгарија, порталот наведува детали од неговата биографија, работата во Балканска Банка, Македонската берза, соработката со унгарски Матав, министерувањето во Финансии кога се воведе данокот на додадена вредност и подоцна кампањата „Купувајте македонски производи“.

„Но тој не си купуваше за себе само македонски производи, туку и Мерцедес“, пишува порталот и додава дека поради тој случај избега од Скопје, а беше осуден на двегодишна затворска казна. „Груевски купи блиндирано возило со државни пари, влијаеше од каде да се земе автомобилот и беше обвинет за корупција“, наведува 24.ху.

„Зошто Груевски доби азил во Унгарија? Дали е ова врзано со политиката на Орбан за Балканот, градење на неговиот федерален систем? прашува порталот и додава дека Орбан заедно со словенечкиот премиер Јанез Јанша и Груевски се членови на таканареченото „Охридско трио“ кои се сретна во 2017 година во Скопје. „Во земјите наследнички на поранешна Југославија, унгарскиот премиер востпостави најдобри односи со овие двајца политичари (иако има одлични односи и со српскиот премиер Александар Вучиќ), пишува порталот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот