Унгарија ја укина вонредната состојба која на Орбан му даде неограничена моќ

Фото: EPA-EFE/MILAN KAMMERMAYER

Укинувањето на вонредната состојба е „оптичка измама“, предупредуваат унгарските невладини организација за граѓански права.

Унгарскиот парламент денеска ја укина спорната вонредна состојба која е воведена поради сузбивањето на епидемијата на коронавирус, која на премиерот Виктор Орбан му овозможуваше повеќе од два месеци да владее преку извршни уредби, што поттикна остри критики од странство.

Одлуката за укинување на вонредната состојба едногласно ја донесоа 192 пратеници во собранието во кое мнозинство има Националната конзервативна партија Фидез на Орбан.

Со уредба од 30 март националистичкиот челник доби проширени овластувања додека трае епидемијата од коронавирус.

Владата беше мета на критики на унгарската опозиција и многу европски челници кои го обвинија Орбан дека ѝ задава нови удари и на и онака ослабената демократија. Опасноста од задржување на временски неограничените посебни овластувања на извршната власт се оценува како сериозна.

Укинувањето на вонредната состојба е „оптичка измама“, предупредуваат унгарските невладини организација за граѓански права.

На седницата одржана во вторникот пратениците го прифатија и текстот, кој, тврдат тие организации, ѝ овозможуваат на владата во иднина да може да прогласи „здравствена кризна состојба“ и да владее со донесување на извршни уредби.

ЕК е многу загрижена

Виктор Орбан кој има долга историја на судири со европските установи во последните десет години зареди со спорни мерки и редовно е на мета на критиката поради нападите врз опозицијата, медиумите, универзитетите, невладините организации и барателите на азил.

Претседателката на ЕК Урсула вон дер Лејен рече дека е „многу загрижена“ поради посбните мерки воведени во таа земја кон крајот на март.

Унгарската влада пак рече дека е жртва на „лов на вештерки“ и „лажни информации“ истакнувајќи дека парламентот ќе ја преземе својата вообичаена улога кога ќе помине опасноста.

Вонредната состојба беше „една од најдобрите одлуки донесени во последните 10 години“, неодамна рече Орбан, додавајќи дека благодарение на проширените овластувања владата можела „брзо и успешно да дејствува против вирусот“.

Премиерот смета дека сите оние кои тврделе дека земјата се врти кон авторитативно владеење мора да се „извинат“.

Виктор Орбан е „апсолутен победник“ во овој спор, оценува Агостон Мраз, директор на Институот Незопонт, близок до владата.

„Во Унгарија големо мнозинство од населението е задоволно од начинот на кој владата управуваше со кризата, а што се однесува до странците, ја доби и битката со критиките“.

Унгарија, каде карантинот траеше неколку недели, сразмерно добро ја помина епидемијата со вкупно 565 починати и нешто повеќе од 4.000 заразени.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот