UN Women: Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените

Обезбедени дополнителни 284,9 милиони денари за нови 1.216 вработувања преку Оперативниот план за вработување/ фото: МИА

Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените со што ја покажа нивната поголема ранливост.

Процентот на жени кои добиле надоместоци за невработеност се зголеми од 52 отсто на 56 отсто во октомври 2020, како резултат на поголемиот број на загубени работни места од страна на жените, е еден од заклучоците на најновиот извештај на канцеларијата на UN Women во Македонија „Буџетски одлуки за време на пандемија: унапредување или попречување на родовата еднаквост?.

– Во 2020, процентот на жени учеснички во активните програми на пазарот на трудот се намали на 43,8 отсто во споредба со 52,5 отсто во 2019, додека за мажите се зголеми на 56 отсто споредено со 47,5 отсто во 2019. Дополнително, процентот на жените кои добиле помош за самовработување (да отпочнат сопствен бизнис) во 2020 (30,9 отсто) се намали во споредба со претходната година (33,3 отсто), а на мажите се зголеми на 69,1 отсто во споредба со 68 отсто во 2019 година. И покрај тоа што критериумите за добивање на гарантирана минимална помош беа променети за да се обезбеди поширок опфат на корисници, процентот на жени кои ја примија оваа помош остана ист како и во 2019 година (35 отсто од вкупниот број домаќинства), додека вкупниот број на корисници на гарантирана минимална помош се зголеми за 14 отсто, се вели во извештајот.

Во извештајот се посочува дека кризата предизвикана од Ковид-19 ги откри главните слабости во системите за управување и ги зајакна веќе постоечките нееднаквости, погодувајќи ги жените и мажите на различен начин.

– Имајќи ги предвид родовите нееднаквости во економијата, постои опасност дека последиците од пандемијата ќе ја влошат економската положба на жените, особено од ранливите групи. Во обновата на нашата иднина, постојат можности да пружиме одговор на постоечките родови нееднаквости. Користењето на родово-одговорното буџетирање во процесите на креирање политики и буџети, особено во време на пандемија, е клучна алатка за унапредување на родовата еднаквост, се посочува во извештајот.

Од UN Women информираат дека целта на извештајот е да се испита ребалансот на буџетот и да се мапираат кратењата и реалокациите на буџетот преземени од Владата на Македонија како одговор на кризата, со фокус на секторите кои се од големо значење за родовата еднаквост. Извештајот дава заклучоци и секторски препораки за пазарот на труд, женското претприемништво, земјоделството и социјалната заштита.

Извештајот е изработен во рамки на проектот на UN Women „Промовирање на родовоодговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Македонија”, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, и е дел од регионален извештај на UN Women.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот