Умре волонтер кој учествувал во тестирањето на Оксфорд вакцината против ковид-19
Бразилските здравствени власти објавија дека починал доброволец во клиничкото испитување на вакцината за ковид-19 на компанијата АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд.
Властите додадоа дека испитувањето и покрај ова ќе продолжи. Детали за умрениот не се објавени, бидејќи се повикуваат на доверливост на податоците на учесниците во истражувањето,
Универзитетот во Сао Паоло, кое учествува во фазата 3 од испитувањето на вакцината во Бразил, одделно соопшти дека починатиот е Бразилец, но не и тоа каде живеел. Како што јави Блумберг, повикувајќи се на неименувани извори, починатиот учесник на експериментот не примил вакцина, туку се наоѓал во контролната група.
Оксфорд објави дека независно тело потврдило дека инцидентот не е нуспојава на вакцината и дека испитувањето продолжува.
„По внимателната анализа на овој случај во Бразил нема причина за загриженост за безбедноста на клиничкото испитување и независно тело како и бразилските власти советуваа тестирањето да продолжи“, рече портпаролот на Универзитеот.
Бразилската влада планира да ја купи британската вакцина и да ја произведува во биомедицинскиот центар ФиоКруз во Рио де Женеиро, а вакцината на соперничката кинеска компанија Синовак веќе се тестира во институтот Бутантан во Сао Паоло.
Бразил, зад САД е втора по бројот на жртви од коронавирус со повеќе од 154.000 починати и со повеќе од 5,2 милиони заразени е трета, зад САД и Индија, по бројот на инфицирани.