Уморна Македонија!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Па, добро, на три дена пред изборен молк, локалните понуди и локалните кандидати се јасни. До петок ќе ги добиеме и завршните пораки на политичките лидери, иако и досега разбравме дека станува збор за уште едно „судбинско“ гласање во кое ќе се решава за нашата и за иднината на нашите деца; за оние што немаат деца, ќе се решава за нивната и за иднината на нивните домашни миленици; за оние што немаат домашни миленици, ќе се решава за иднината воопшто, од климата до превозот, за што се испорачаа многубројни предизборни ветувања. Бизнисите со асфалт, хортикултура и градежни скелиња нема да можат глава да кренат веќе од понеделник, а цената на лопатите ќе се изразува во унци суво злато.

Во преостанатите неколку предизборни денови ќе се извадат и последните скандали и афери што се чуваат за опонентните кандидати, како последен обид за нивна политичка и лична дискредитација, ако досега во тоа не е успеано. Што е право, кампањата привршува без преголеми возбудувања, бидејќи во Македонија одамна се знае сѐ за секого, за што се погрижија и триесетина илјади прислушувани телефони во претходната деценија.

Нема големи „жртви“ од досегашните објавени „скандали“, сите деманти и контраобвинувања уредно се направени, противниците се „утепани во поим“, вклучувајќи ги и неколкуте телевизиски дебатни колективни „гракања“ во кои главна жртва излегоа водителите по студијата.

За очекување е дека, кај и да е, ќе се објават и последните партиски анкети за тоа дека нивните кандидати сигурно победуваат, многу и насекаде. А и таму каде што губат, за тоа е виновна предизборната корупција и притисокот од локалните моќници и нивните криминални структури. Кој добил брашно и зејтин – добил; другите годинава сами ќе се снаоѓаат за зимница.

Зборот ми е, не видовме годинава никаква специјална предизборна кампања што би се разликувала од вообичаените здодевни понуди и изборни презентации како и во претходните триесет години. Оние што можеа, поделија тефтерчиња, пенкалца и запалки (уште делат „упаљачи“!) на своите поддржувачи и на оние што се неопределени – другите гром да ги убие! Никому не му текна да ни чукне на врата со некое коренче од растение за садење или макар семе за домати, иако на сите природата и зачувувањето на здравата животна средина им се меѓу првите приоритети во предизборните програми. Немаше слоган што се издвојува, немаше плакат што ќе се памети, немаше претставување што ќе се спомнува…

Најоригинален излезе охриѓанецот кој истураше „вегета“ во студиото на ТВ24 и кандидатот на Интегра кој во „Утрински брифинг“ на прашањето зошто струмичани би го гласале, искрено одговори: „Па, не знам ни јас, и јас се прашувам!“ … Ах, да, и еден-два инцидентa на Левица, ама и тие површни и лошо одглумени, каква што им е партиската понуда. Имаат, додуша, уште два-три дена време да смислат и да изведат и нешто полошо, бидејќи тоа дно никогаш не треба да се потцени.

Најголемото разочарување е, сепак, на контото на многубројните независни кандидати и листи на советници – добро е што на овие локални избори ги има во рекорден број – од кои очекувавме пооригинален настап, некаква трага од имагинација или кампања што ќе изненадеше и ќе го привлечеше вниманието на јавноста. Ништо. Излезе дека се многу импресионирани од поскапите партиски кампањи, иако за оригиналност не се секогаш решавачки парите. И тие се потонати во патосот и сивилото на македонското митингашко, уморно, политичко секојдневие.

Здодевни како да сме Швајцарија. А, не сме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот